НЕМА ДА СЕ ГРАДАТ 12 ЗГРАДИ ВО ЦРНИЧЕ Градоначалникот на Кисела Вода ја поништи одлуката

Во Пржино и во Црниче ќе можат да се градат само куќи, кои што можат да имаат максимум 4 станбени единици. Времето во кое што под маската на куќи се градеа габаритни згради е завршено, вели Ѓорѓиевски. 

244

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, ја поништи одлуката која неговиот претходник ја предвидуваше, изградба на 12 габаритни згради во населба Црниче, соопштија денеска од Општината.

– Ја стопиравме иницијативата за измена на ДУП реон Ј, градска четврт Ј20, блок Ј20.03, со која во времето на  мојот претходник, се предвидуваше изградба на 12 згради. Како што ветив и ги исполнив своите ветувања за Расадник, како што ја донесовме и целосно ја спроведуваме одлуката за забрана за изградба на станбени објекти со повеќе од 4 станбени единици во Пржино и Црниче, од денес е во сила и оваа одлука и наместо гигантски зданија, на посочената локација во Црниче, на сопственикот ќе му биде дозволена само реконструкција на објектот, старата печатница и тоа во постоечкиот габарит – вели Ѓорѓиевски во соопштението на Кисела Вода.






Како што се наведува во соопштението, ќе останат скалите кои со измената на ДУП-от требаше да бидат отстранети и тие ќе бидат надополнети со пропратна опрема.

– Одговорно тврдам дека нови одобренија за изградба на згради во Пржино и Црниче нема да има, како што е зацртано во мојата одлука, која што е поддржана и од Советот на општината, а и од сите жители од овој дел на градот. Во Пржино и во Црниче ќе можат да се градат само куќи, кои што можат да имаат максимум 4 станбени единици. Времето во кое што под маската на А1 – куќи се градеа габаритни згради е завршено, вели Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини