НЕМА ДА МОЖЕ ОД ШАЛТЕР НА БАНКА ДА РИПНЕ ДО РЕВИЗОР НА ЕВРОПСКИТЕ ФОНДОВИ Како ја постави, Владата така ќе ја разреши младата Афрона
Услов за главен ревизор е кандидатот да има соодветна стручност, знаење и искуство во областа на ревизијата, уверение за стекнато звање од областа на ревизијата.
Владата утре ќе ја разреши Афрона Вервизоли од местото главна ревизорка на парите од ИПА фондовите, откако реагираше јавноста и пишуваа медиумите дека таа не ги исполнува условите да биде на таа функција.
Ова го соопшти денеска владината прес служба.
„Ја известуваме јавноста дека назначената Афрона Вервизоли во текот на утрешниот ден ќе биде разрешена од местото ревизор на ИПА фондовите. Воедно посочуваме дека е потребно и вниманието да се насочи кон отворените злоупотреби на парите од ЕУ и фондовите ставени на располагање кои беа присутни во изминатиов период, а за кој постои и пишан траг и нотификација од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) кои поради таквото работење побаруваат од државата исплата на неколку милиони евра. Пренасочувањето на вниманието кон други теми го толкуваме како бегство од одговорност за ваквите злоупотреби. Одговорност ќе има!“, се наведува во соопштението од владата.
Вервизоли е назначена на местото главен ревизор на ИПА фондовите со одлука на владата од минатата недела.
Таа е дипломирана економистка и досега работела на шалтер во банка, но услов за главен ревизор е кандидатот да има соодветна стручност, знаење и искуство во областа на ревизијата, уверение за стекнато звање од областа на ревизијата и дa поседуваaт еден од неколкуте меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години.
Предлогот за Вервизоли, изгласан од Владата, бил на коалицијата Вреди.
Главниот ревизор за ИПА фондовите и целото ревизорско тело отчет даваат и пред ЕУ.
За случајот се заинтересираа Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Делегацијата на ЕУ во земјава.