НЕМА ДА ИМА СУПЕР-ВЕШТАЧЕЊЕ ЗА АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА КAJ ЛАСКАРЦИ? Македонските факултети не биле доволно стручни
По добивање на известувањето, Судот контактираше со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје од каде исто така е известено дека истите немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои претходно не учествувале во изведените вештачења“, се наведува во соопштението.
Вештаците од Техничкиот факултет во Битола не се доволно стручни и можат да извршат вештачење само за енергетика, но не и за моторни возила, па затоа нема кој да го расветли случајот со трагичната автобуска несреќа на автобусот на „Дурмо Турс“ кај скопското село Ласкарци која се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица.
Вака гласи причината со која стручњаците од Битола ја одбиле наредбата на Основниот кривичен Суд во Скопје да се направи ново, завршно трето вештачење, уште наречено супервештачење во предметот, а кое треба да се направи откако обвинителството и одбраната веќе направија две свои вештачења кои излегоа со спротивставени резултати.
„По добивање на известувањето, Судот контактираше со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје од каде исто така е известено дека истите немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои претходно не учествувале во изведените вештачења“, се наведува во соопштението.
Супервештачењето се прави за да се запази „еднаквоста на оружјето“ и е клучно при одлучувањето на второстепениот суд при случај на жалба. Тоа е исто така неопходно за воопшто да се затвори доказната постапка по предметот и да се донесе првостепената пресуда.
Денеска, на главната расправа во Судот, странките биле известени за новата ситуација, како и дека предметот е испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира свој тим за да го изврши завршното супервештачење.
„Потребно е да се напомене дека предметот во почетната фаза се водеше со забрзан интензитет со оглед да стануваше збор за притворски предмет. Но, со оглед на пандемијата од ковид – 19, Протоколот за работа на судовите во услови на пандемија како и фактот дека Апелацискиот суд Скопје ја укина мерката притвор и ја замени со поблаги мерки за обезбедување присуство, дел од насрочените расправи во текот на минатата година беа одлагани единствено заради изолација на судскиот совет и странките во постапката, иако судот инсистираше на забрзано темпо“, наведуваат од Основниот кривичен суд Скопје и додаваат:
„Во текот на оваа година предметот се води според предвидениот интензитет со што беа сослушани сите предложени и прифатени сведоци, оштетени и вешти лица. Преостанува само да се изведе и супервештачењето со што доказната постапка ќе биде затворена и предметот ќе премине во фаза на завршни зборови и пресуда. Заради тоа насрочени се термини на 25 јануари како и на 3,10,15,24 и на 28 февруари 2022 година“.