НЕМА ДА ИМА КРИЗА ЗА МАЗУТ, ДРЖАВАТА ЌЕ ИЗВАДИ ОД РЕЗЕРВИТЕ Владата утре ќе го разгледа барањето на ЕСМ за прогласување кризна состојба
Нема да има никаква криза, државата има резерви на мазут, рече денеска министерката за енергетика Сања Божиновска и информира дека барањето на ЕСМ за прогласување кризна состојба ќе се разгледува на утрешната владина седница.
Како што информира Божиновска, одговарајќи на прашања по денешниот брифинг со новинарите, државните резерви ќе го снабдат ЕСМ со мазут.
– ЕСМ поднесе писмо до Владата, тоа ќе се разгледува утре на владина седница. Утре ќе дискутираме и ќе знаете утре што ќе се договориме на Влада. Нема да има никаква криза, за граѓаните тоа нема да значи ништо бидејќи државата има резерви на мазут. Тоа значи ако знаете дека има протести со Грците и повеќе 30 дена има неможност да се набави мазут, тоа значи дека државните резерви ќе го снабдат ЕСМ со мазут. Нема да има никакво влијание на снабдувањето. Постои мазут во државата, ако не го земат од Грција, ќе го земат од резервите – истакна Божиновска, одговарајќи на новинарско прашање дали има проблем со набавка на мазут и дали ќе биде прогласена кризна состојба.
Министерката очекува до крајот на неделава МЕПСО да го финализира изборот на фирмата што ќе го прави далекуводот со Албанија и да го потпише договорот.
– До крајот на неделата ќе биде потпишан. МЕПСО сигурно ќе информира со повеќе детали, но колку што јас имам сознанија сѐ е завршено, се чека само на официјален потпис – напомена Божиновска.
Таа информира и дека има нов директор на „Номагас“, како и дека потпишаниот Договор е на 22 месеца.
– Гледаме сѐ да биде како што треба. Бевме и во Србија на билатерален состанок, таму разговаравме за Србија – Македонија, имаме 23 километри, заедно ќе настапиме, ќе видиме за финансирање за Светска банка. Очекуваме до крајот на 2027 година да биде завршено, ќе се транзизитира Грција – Македонија – Србија – рече Божиновска.
Поврзувањето на енергетските пазари е предвидено за 2027 година, па во 2026 година кај ниту една членка на Енергетската заедница нема да има спојување на пазарите.