НЕМА ДА ГО КОМЕНТИРАМЕ ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ Чист македонски јазик во преговарачката рамка

Во врска со македонскиот јазик, премиерот потенцираше дека во преговарачката рамка мора да гласи „чист македонски јазик“, а не како што беше предложено, Македонија и Бугарија да имаат своја резолуција за нашиот јазик.

1,505

Премиерот Димитар Ковачевски по средбата со партнерите од владејачката коалиција, посочи дека Владата е стабилна и дека ќе продолжи со работата до истекот на мандадот.

Иако не беше најавено дека на средбата ќе се разговара за францускиот предлог за кревање на бугарското вето, Ковачевски го соопшти заедничкиот став пред јавноста.






– Нема да го коментираме предлогот додека предложениеот документ не стане став на сите 27 земји-членки на Европската Унија. Внимателно ги следиме случувањата во Народното собрание на Бугарија, па откако ќе биде усвоен предлогот и ние ќе го добиеме како официјален предлог тогаш ќе се изјасниме – изјави Ковачевски.

Во врска со македонскиот јазик, тој потенцираше дека во преговарачката рамка мора да гласи „чист македонски јазик“, а не како што беше предложено, Македонија и Бугарија да имаат своја резолуција за нашиот јазик.

Тој ѝ порача на опозицијата дека согласно Уставот има право да протестира, но ја повика да биде конструктивна и да ѝ се приклучи на Владата во справувањето со кризата.

Ковачевски посочи и дека иако Собранието е блокирано од ВМРО-ДПМНЕ, тој и неговите партнери ќе продолжат да ја предводат државата како до сега.

Инаку премиерот децидно го отфрли повикот за предвремени избори, велејќи дека тоа само ќе ја продлабочи кризата.

– На денешната средба на владините коалициски партнери усвоивме и потпишавме Декларација за обезбедување стабилност за граѓаните, домашната економија и бизнис секторот во услови на глобална криза, информираше тој.

Тој посочи дека граѓаните се под постојан притисок од неизвесноста која произлегува од растот на цените на енергенсите и на основните производи на светските пазари и, како што рече, во овој период очекуваат од партиите да им испорачаат стабилност на политички план, да понудат јасен концепт за справување со  проблемите и целосна посветеност и одговорност во тој процес.

-Целта на Декларацијата е да даде дополнителна и цврста гаранција, но и јасна политичка посветеност за прилагодување на политиките на неопходноста од справување со негативните последици од најголемата криза после Втората светска војна. Сите заеднички заклучивме дека предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните, туку ќе ги продлабочат – потенцираше Ковачевски.

Ковачевски нагласи дека прашањето околу евентуалните предвремени избори е завршено

-Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Во наредниот период продолжуваме со одговор на кризата преку испорачување нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство  со препораките на ОБСЕ и ОДИХР – истакна Ковачевски.

Поврзани содржини