„НЕМА ДА ДОЗВОЛАМ МЕШАЊЕ ВО СУДОТ, БИДЕЈЌИ ЈАС СУМ ЛОЈАЛЕН НА УСТАВОТ“ Новиот претседател на Уставен сака да ја врати довербата на граѓаните

Новиот претседател истакна дека преку интервенции во Уставот ќе бара измени на Законот за Уставен суд, бидејќи од 1991 кога е донесен првиот Устав, Уставниот суд е најнереформираната институција во државата.

659

Како претседател на Уставниот суд имам поставено еден врвен приоритет и неколку предизвици, а кои се неопходни за реализација на тој приоритет. Ако сме свесни за нашата општествена и уставна реалност, довербата на граѓаните во институциите и правната држава е на историско најниско ниво – рече новиот претседател на Уставен суд, Дарко Костадиновски на првиот брифинг со новинарите.

Тој посочи дека токму тоа ќе биде неговиот приоритет, враќање на довербата на граѓаните во Уставниот суд и враќање на довербата во правната држава. Но додаде дека нема да дозволи на никого да влијае врз него и врз Судот, бидејќи како што рече тој верува единствено во Уставот и делува според него.






– За остварување на тој приоритет неопходни се неколку чекори. Прв чекор е бескомпромисноста во обезбедување на независноста и самостојноста на Уставен суд, како и мојата бескомпромисност во обидите за било какви политички влијанија. Ќе предложам седници на Уставен суд да се снимаат и да се емитуваат во живо. Во други земји не се снимаат и не се пренесуваат во живо, но во тие земји немаме девастирано владеење на правото како кај нас. За да се врати довербата на граѓаните потребни се похрабри и одлучни чекори – вели Костадиновски.

Новиот претседател истакна дека преку интервенции во Уставот ќе бара измени на Законот за Уставен суд, бидејќи од 1991 кога е донесен првиот Устав, Уставниот суд е најнереформираната институција во државата.

– Уставниот суд ја црпи својата надлежност директно од Уставот и од Актот на Судот. Се поставува прашањето дали ваквата статус кво состојба во поглед на правната рамка и на кого му одговара да продолжи. Тука се надоврзува прашањето и дали се исполнети очекувањата на граѓаните 33 години по донесувањето на Уставот. Со сите релевантни чинители ќе разговара за неопходноста од интервенција во Уставот со цел обезбедување на уставен основ за донесување на закон со кој ќе се операционализираат новите одредби за Уставниот суд. Не треба да биде каков било закон, туку системски, затоа што тоа е начинот со кој ќе се гарантира независноста на судот – додаде Костадиновски.

Новиот претседател на Уставниот суд рече дека уставните судии ќе можат да отвораат предмети по сопствена иницијатива. Според него, особено е неопходно да е покаже судски активизам и за секоја одлука за која судиите ќе се посомневаат во уставноста да можат самите да иницираат постапка, а не само како до сега по иницијатива на граѓани.

Ќе продолжи со настојувањето на сите негови претходници за зголемување на обемот на заштита на слободите и правата на граѓаните и воведување на уставната тужба и уставната жалба, но повика и граѓаните да го почитуваат и штитат Уставот.

Костадиновски смета дека се исполнети условите за зголемен судски активизам оти судот е комплетиран.

– Долго време откако сум јас судија овој суд имаше сериозни предизвици, особено во бројот на судии со кои работевме. Предолг временски период работевме на кворум со петмина судии. Потоа постепено се пополнуваа. Денес Уставниот суд е комплетен со што се исполнети околностите и сите претпоставки за навистина оживување на таа атрофирана функција на судот – по сопствена иницијатива, не само по иницијатива на граѓани, да се вклучиме во заштитата на правната држава, правната сигурност и владеењето на правото. Ќе направам се што е во моја моќ овој судски активизам да биде што е можно поприсутен. За се што ќе наиде на интерес на јавноста или ќе побуди сомнеж кај мене како судија или кај кој било од судиите, затоа што не само јас туку и другите судии можат да ја користат оваа алатка, ве уверувам дека ќе имаме засилен судски активизам – вели Костадиновски.

Смета дека седниците на Уставниот суд, за што постојано се залагал, треба да се пренесуваат во живо како обид за враќање на довербата кај граѓаните, а истовремено најави поголема соработка со науката за сите проблеми и дилеми кои ги имаат во работењето.

– И нас како судии ни се јавуваат многу важни уставно – правни и теми и дилеми. Често имаме спротивставени мислења, впрочем за тоа доволно говорат моите 55 издвоени мислења досега. Секогаш сум сметал дека ќе биде корисно ако ја викнеме струката и науката на помош. Ништо не можеме да изгубиме, можеме да добиеме. И тоа ќе биде еден од моите приоритети – вели Костадиновски.

Одговарајќи на новинарски прашања дали е уставна одлуката Талат Џафери да има две функции во државата (Технички премиер и пратеник), како и дали претседателката Гордана Сиљановска Давкова го прекршила Уставот со давањето заклетва, Костадиновски рече:

„Во моментов не можам да дадам никакво мислење за нешто што не е како иницијатива доставено до Уставен суд. Знам дека јавноста ја интересираат одговорите за овие прашања, но практиката е таква кај нас, не коментираме ништо за што нема поднесено иницијатива. Доколку некој поднесе, а можеби и веќе денеска е понесено, тогаш веднаш како Суд ќе дадеме мислење“.

Костадиновски беше избран за нов претседател на Уставен суд на 4 јуни по над 10 круга гласање. Тој доби мнозинство од гласовите, а противкандидат му беше колегата Осман Кадриу. Претходно се тркаа Тања Васиќ-Бозаџиева, Ана Павловска-Данева, но откако не добија доволно (6) гласови од вкупно 9-те уставни судии, беше предложен Костадиновски.

Поврзани содржини