„НЕМА ДА ДОЗВОЛАМ ДА ПОБЕДИ КОРУМПИРАНИОТ СИСТЕМ!“ Мицкоски со личен пример ќе демонстрира како треба да се продолжи понатаму

Ги слушнав пораките од опозицијата. Не сакам да се политизира овој настан во смисла дека некој сака да набеди друга партија за одговорност. Ова е битката на чесните против нечесните. Ова го зборувам за сите чесни луѓе во Македонија кои искрено сакаат државата да има ред и поредок. Ова е борба против чудовиште кое ја проголтува иднината на земјата и ни ги зема најмилите, рече Мицкоски.

1,597

Со едноминутно молчење премиерот Христијан Мицкоски го започна денешното обраќање по повод страшната трагедија која ноќеска ја потресе целата земја, кога 59 лица загинаа, а 155 беа повредени во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

– Во мојот живот сум имал многу тешки моменти, но ова денеска е убедливо најтешкиот ден во мојот живот. Ми се кине срцето и немам сила да говорам. Скршен сум. Во својот живот и во својата кариера сум одлучил да делувам чесно, принципиелно и одговорно, без разлика на ризиците и последиците кои тие ризици можат да ги донесат на мојот животен пат. Влегов во политиката за да променам нешто. Наидов на систем длабоко корумпиран и негуван со децении, чиј дел се лица од сите партии, од секакви профили. Тој систем, ако не се сруши, оваа држава никогаш нема да ја биде. И тој систем не може да се сруши лесно и брзо затоа што е граден со децении. Јас чувствувам длабока огорченост и одговорност за тоа што се случувало во сите изминати децении. Во нашата држава се случувале суштествени проблеми за опстанокот на државата, а имавме и воена криза. Се случи пад на авион, пад на хеликоптер, потонување на брод, масакр на невини луѓе, убиени се деца кај Смилковско, се случувал тероризам како во Диво Насеље, имало секакви подметнувања и сценарија. Имало и големи и помали несреќи. Но, ова е кулминација на еден лош систем кој ги јаде нашите надежи, а и нашите соништа. Или ќе го победиме ние него или ќе оставиме тој да нè победи нас. А победата врз тој систем е возможна само со одважност, доблест и принципи во кои веруваме и никако поинаку не можеш да го излажеш тој систем. Да знаете, само со доблест и со лична жртва можеме да го победиме тоа зло на корупција и приватизирање на државата. Зло во кое сите работеле на штета на сиот нормален свет – изјави Мицкоски.






Оваа трагедија, додаде тој, е потсетник колку животот е кревок.

– Веднаш беа преземени првите чекори за справување со последиците, а во моментов имам информација дека објектот каде што се случи несреќата има фалсификувана лиценца издадена во март 2024 година за мито. Тоа е документ за работа на кабаре, издаден нелегално со оригинален печат на Министерството за економија. Има тука многу прашања кои истрагата допрва ќе ги одговори. За сето тоа што се случи ќе има одговорност за сите инволвирани без разлика кој од која институција, партија или професија доаѓа. Очекувајте дека нема да има милост. Ќе има одговорност со име и презиме – рече премиерот.

Потребна е демонстрација на морална одговорност и многумина ми велат дека знае народот дека Владата нема вина во ова. Но, без оглед на тоа, мора да сносиме одговорност, додаде Мицкоски.

– Мене не ми е потребна власт по секоја цена, но јас сум тука да се борам и да демонстрирам со личен пример како сметам дека треба да продолжиме понатаму. Ќе преземеме низа мерки и активности кои ќе значат многу. Тоа ви го должам вам, и на семејствата на загинатите, и на сите луѓе во Македонија. Денеска е најважно да се молиме за семејствата на загинатите и повредените, и да повикаме на сплотеност. Овојпат нема повлекување. Ги слушнав пораките од опозицијата. Не сакам да се политизира овој настан во смисла дека некој сака да набеди друга партија за одговорност. Ова е битката на чесните против нечесните. Ова го зборувам за сите чесни луѓе во Македонија кои искрено сакаат државата да има ред и поредок. Ова е борба против чудовиште кое ја проголтува иднината на земјата и ни ги зема најмилите. Ако има одговорност при непостапување во изминатиот период, ќе се преземат соодветни чекори. Ќе се испитаат аспектите на контрола и сето она што јавноста го детектира како проблем на општеството. Јас сум одлучен и ќе постапувам одлучно – порача премиерот Мицкоски.

Тој искажа голема благодарност до медицинскиот персонал кој несебично се вклучи во укажување помош на повредените.

– Нема човек во Македонија кој не е скршен. Бог да биде на помош на семејствата на починатите и повредените. И на сите граѓани. Да ја чува Македонија – рече Мицкоски.

На новинарско прашање како изгледа фалсификуваната лиценца што успеал да ја извади сопственикот на дискотеката „Пулс“, Мицкоски им го покажа документот на новинарите.

– Еве вака изгледа таа фалсификувана лиценца за кабаре издадена на 13 март 2024 година, потпишана од тогашниот државен секретар. А истата таа лиценца изгледа и вака, само што разликата во првиот случај е што последните две бројки се 51, а во вториот случај се 15, под истиот архивски број. А замислете, таму е заведен документ дека е комуникација со странски инвеститор. Објектот нема документ, овој документ е лажен – рече Мицкоски.

На прашање дали е потребна вонредна состојба и дали Владата ќе побара странска помош во борбата со корумпираните, премиерот одговори дека засега не е планирано воведување вонредна состојба и нема да има вклучување странски експерти во делот на истрагата.

– Моралната димензија кај мене како човек секогаш постои и тука немам никаква дилема. Работам максимално за да го поразам овој корумпиран систем. Дали треба човек да чувствува морална одговорност, да. Дали само јас треба да чувствувам морална одговорност, еве ќе го прифатам и тоа и ќе ја преземам сета одговорност. Но прво ќе го поразам тој систем, односно сето ова што денеска го започнуваме ќе вроди со плод. А потоа нема подобар суд од народот кој ќе каже дали некој треба да поднесе оставка. Во однос на меѓународната помош, добиваме помош од Турција, Србија, Грција, дел од овие држави испратија и авиони и се понудија да примат дел од пациентите. Разговарав со сите европски политичари и им честитам на институциите кои брзо реагираа – рече Мицкоски.

Над 20 луѓе се приведени или изведени на распит, а наскоро ќе излезат и други работи кои се алармантни и катастрофални, додаде премиерот.

Тој уште еднаш повтори дека од утре започнува голема акција на територија на целата држава, а во насока на проверка на сите лиценци, дозволи за градба и дозволи за работа.

– Милиметар да недостига, објектот ќе биде затворен. Нема да има милост за никого. Не е важно дали наближува летната сезона. И „свети сезона“ нека е, тој објект ќе биде затворен. Изминатите 8 месеци имавме акции против криминалците кои го труеја народот и продаваа мазут. Изминативе месеци имавме робустна акција против оние кои со игри на среќа создаваа милиони, па сега се бегалци. Се пресметувавме и со енергетската мафија, апсевме корумпирани врховни судии и т.н. Ќе ја продолжиме борбата, никој нема да биде спасен или амнестиран – изјави Мицкоски.

Поврзани содржини