„НЕМА БУЏЕТ ДОКОЛКУ НЕ МИ ГИ ДАДЕТЕ ПАРИТЕ“ Орбан ѝ се закани на Европа со вето

Унгарскиот премиер со жестоки напади кон Брисел и обвинувања за мешање во изборите во Унгарија.

2,183

Унгарија нема да го поддржи новиот седумгодишен буџет на Европската Унија доколку не ѝ бидат деблокирани сите замрзнати европски фондови, оваа порака денеска ја упати унгарскиот премиер Виктор Орбан, најавувајќи сериозна блокада во Брисел.

– Усвојувањето на нов седумгодишен буџет бара едногласна поддршка. Се додека не ги добиеме преостанатите средства, нема да има нов буџет – изјави Орбан на настан во романскиот град Баиле Тушнад.






Европската комисија неодамна предложи буџет од два трилиони евра за периодот од 2028 до 2034 година, со фокус на зајакнување на одбранбените капацитети и економската конкурентност на Унијата.

Но, Орбан остро се спротивстави на таквиот предлог, оценувајќи дека би можел да го уништи единството на ЕУ.

– Овој буџет би ја уништил Европската унија. Не верувам дека ваков вид буџет ќе преживее до следната година – изјави унгарскиот премиер за државното радио Кошут.

Освен финансиски, Орбан во истото обраќање отвори и политички фронт против Брисел, обвинувајќи ја ЕУ дека планира да го собори неговиот режим преку наредните парламентарни избори во Унгарија.

– Тие сакаат да инсталираат проукраинска и пробриселска влада во Унгарија – рече тој.

Орбан исто така ги нападна европските лидери дека ја туркаат Унијата во „трговска војна што Европа не може да ја добие“, додавајќи дека новиот буџет предвидува и отворени и скриени средства за проширувањето со Украина, иако, како што рече, не е донесена никаква официјална одлука за членство на земјата.

Поврзани содржини