Нелоски, ВМРО-ДПМНЕ : За три месеци власта на Заев создаде долг од 1 милијарда евра, а парите никаде ги нема!
Власта на Заев со своето неодговорно и неспособно владеење успеа да го зголеми јавниот долг за 1 милијарда евра во рок од само три месеци, односно од 5,5 милијарди евра на крајот на првиот квартал на неверојатни 6,5 милијарди евра заклучно со вториот квартал во 2020 година. Така јавниот долг достигна од приближно 50% до 59,5% од БДП. Ова е најголем скок на јавниот долг во само еден квартал во историјата на Македонија, тврди Владимир Нелоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Како да не е тоа доволно, па денес најавуваат ново задолжување од 38 милини евра. Патем оваа милијарда евра никој не знае за што се потроши друго освен за евтин популизам кој скапо ќе се плаќа. Имено, реализацијата на капиталните инвестиции во првата половина на годината изнесува само 22,51%, односно нема реализирано ниту четвртина од планираното. Тоа значи дека немало изградба ниту на училишта, ниту на градинки, ниту на патишта, а сепак државата позајмила 1 милијарда евра. Дополнително, состојбата и во стопанството е исклучително лоша. Имаме пад на индустриското производство од 30% во мај и 15% во јуни, а исто така има и 4,4% помалку вработени во индустрискиот сектор. Некаде околу 30.000 граѓани немаа земено априлска плата, а илјадници останаа без работа. Оттука се поставува прашањето каде завршија овие 1 милијарда евра нов долг“, изјави Нелоски на денешната прес-конференција.
Да биде уште полошо и покрај ваквиот галопирачки раст на задолжувањето за само три месеци експертите прогнозираат дека од есен се очекува државата да нема доволно пари да ги сервисира основните обврски и ќе треба повторно да се задолжува. Затоа владата на Заев посегна по поскапување на струјата од 7,5% во време кога сите земји цената на енергенсите или ги задржа или ги намали. Оваа власт сака својот гол популизам со ваучери од 100 евра и погрешните и задоцнети мерки сега да го наплати со повисоки давачки на граѓаните, вели Нелоски и додава:
„Поради нивните погрешни политики граѓаните се задолжени со нови 2.000 евра по семејство, а истовремено ќе плаќаат и поскапа струја годишно. Најлошото е што власта нема план и состојбите може уште повеќе да се влошуваат. Токму затоа потребни се цврсти и стабилни чекори за поддршка на стопанството и граѓаните, зашто само така државата и економијата ќе може да излезат од овој ќорсокак и да се придвижат напред. Потребна е итна стратегија за обнова на државата“, изјави тој.