Нелоски: Освен скандалозната набавка на скала, истата фирма набавува спортска опрема за министерството на Шекеринска
Таткото на советничката од СДСМ, Михаела Иванова ја правел спецификацијата за набавка и го правел тендерот и тендерската документација за овој тендер од 1.7 милиони евра, ќерка му Михаела Иванова гласала на Советот, мрзеливиот апаш Шилегов потпишува.
Граѓаните не велат веќе ни срам ни перде, по ново велат, ни срам ни Петре. Мрзеливиот Петре Шилегов стана синоним за бесрамно испумпување на парите на граѓаните од Град Скопје. Додека ние објавуваме скандал со набавка на противпожарна скала од 1.7 милиони евра, двојно повеќе од таа во Загреб, замислете зетот на секретарот на Шилегов не стои ни минута во место, договорил и добил нов тендер од Радмила Шеќеринска, рече Владимир Нелоски, претседател на Градски комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
– Мрзеливиот Шилегов во Град Скопје направил одлична крими шема за да се сработи набавката на противпожарната скала. Таткото на советничката од СДСМ, Михаела Иванова ја правел спецификацијата за набавка и го правел тендерот и тендерската документација за овој тендер од 1.7 милиони евра, ќерка му Михаела Иванова гласала на Советот, мрзеливиот апаш Шилегов потпишува, се разбира на крајот од денот зетот на секретарот на Градот Скопје преку фирмата „Армор плус“ ДОО набавува. Е сега, додека јавното обвинителство спие за овој предмет и се прави недоветно, се занимава единствено со заташкување на криминалот на власта, токму затоа ВМРО-ДПМНЕ во понеделник ќе поднесе кривична пријава за оваа јавна набавка, каде јасно се гледа дека се работи за крими шема и има основан сомнеж за тежок криминал. Кривичната пријава ќе ги опфати сите сегменти на основан сомнеж за криминал, од едноставна причина што јавното обвинителство сеуште спие и ја штити власта – вели Нелоски.
Тој додава дека скопјани вријат за овој криминал што го гледаат, фирмата на зетот на секретарот на Шилегов добил уште еден тендер од Радмила Шеќеринска. Министерството за одбрана извршило набавка на приближно милион евра за спортска опрема од фирмата АРМОР ПЛУС.
– Мораме да потенцираме, со самиот сомнеж за оваа фирма за набавката на противпожарната скала, каде има основан сомнеж за криминал, секоја друга набавка која се случила треба да биде под сериозна ревизија, а такви набавки има многу, во вкупна вредност од над 4 милиони евра за 4 години. Некој сериозно се обогатил. Дрскоста на Шеќеринска и Шилегов, фирмата АРМОР ПЛУС е само показател дека се одлепени од земја цело СДСМ, цела Влада и мислат дека државните пари се нивни пари – вели Нелоски.