При крајот на февруари, годинава, бев поканет да учествувам во емисијата, која веќе со тапија е сѐ друго, „Само вистина“ не е! Дебатата беше прекината наполу, варварски, „во живо“! Во една напредна демократија таквото нагло замолкнување, ќе предизвикаше макар најмала реакција, барем кај мислечките луѓе; не заради нешто друго, туку заради непобитниот факт – доколку денес цензурата се случи некому, утре ќе се случува секому! Поаѓам од мојот, многупати повторен став, кој недвосмислено гласи: исцело би се заложил, јавно да се искаже дури и оној, чие мислење е сосема спротивно на моето!
Со чесни исклучоци, наудреноста дека предочената забрана на говор „како да не се збидна“, всушност сведочи само за следново: мноштвото народ не постои во достаточна мера, за да понуди историска потврда за сопствената перспектива! Бодријар тоа го нарекува некроспектива! На таквата инсуфициенција, само дневнопартиските халуцинации ѝ се фингирање на постоењето!
„Канал 5“ се покажува непристоен домаќин. Го кани човека во емисија, а потоа, во директен пренос му забранува да говори, се разбира, на тој начин, несвесно збогатувајќи му ја биографијата! Токму заради историска потврда на збиднатото, упатив претставка до Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), со цел цензурата што ја спроведе „Канал 5“, никому повеќе да не му се повтори! Од СЕММ добив акт (бр. 196/0306, од 14. 04. 2020 г.), согласно кој, Советот одржал седница и, со мнозинство гласови, ја донел следнава одлука: „во изданието на дебатната емисија „Само вистина“, емитувана на 26. 02. 2020 г., на телевизијата „Канал 5“, е прекршен Кодексот на новинарите во членот 11“. Посочениот член 11, гласи: „Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија (…).“ Согласно член 18 од Деловникот на Комисијата за жалби, „Канал 5“ е обврзан да ја објави одлуката на СЕММ.
Во образложението на одлуката, Советот наведува дека водителката Мирјана Трпческа: „најави прекин на дебатата, на начин кој во себе содржи елементи на цензура“ (инаку, изречно забранета со член 16 од Уставот на РСМ), и уште додава дека: „новинарот мора да ја брани слободата на говорот, да ја задржи независноста на своите ставови и да се спротивстави на секој обид за искривување или цензурирање на информациите“!
Следствено, доколку Мирјана Трпческа ја водеше емисијата согласно на предочените новинарски стандарди, ќе се спротивставеше на наредбата да ја прекине емисијата, со цел првенствено да го сочува интегритетот на нејзината личност. Денес, дезинтегрираната Мирјана Трпческа станува синоним за слабоста на современиот, домашен, журналистички дискурс, кој во немоќта да се дограби до нова кадарност, опсесивно се враќа на изопачената обземеност – слепо да ги спроведува наредбите на анонимниот глушец, како во времето на еднопартизмот. Згора на сѐ, еден ден пред дебатата, „Канал 5“ емитуваше неписмен прилог на Мирјана Трпческа за собирот на црковните претстојатели во Јордан! Како илустрација за аматеризмот на прилогот, доволно е да се спомне дека Трпческа го ословува митрополитот Иларион Алфеев со титулата – патријарх! O tempora, o mores! Реченово ми дава за право да упатам апел до јавноста, информациите на „Канал 5“ во однос на црковните случувања да ги прима со огромна резерва и да не се труе со лажни вести; никогаш да не ги голта, без да ги соџвака.
Во темелно образложената одлука, со која фрла светлина на демократскиот амбиент во земјава, СЕММ истакнува: „со прекинување на искажувањата на ставовите на свештеното лице, недвосмислено се ускратува неговото право на слободно изразување, во контекст на тоа дека постојат различни ставови, спротивни на доминантното религиозно убедување… затоа новинарите треба да ги бранат човековите права, достоинството и слободата, да го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, да придонесуваат за јакнење на правната држава, и во контролата на власта, и на другите субјекти од јавниот живот“.
„Канал 5“ и Мирјана Трпческа постапија спротивно на овие демократски стандарди. Жан Рансиер, пак, спротивноста на демократијата ја нарекува тоталитаризам. Тоталитаризам е кога владеачкиот јазик, во име на силата на колективитетот, ги порекнува правата на поединецот и уставните гаранции, на пр., слободата на изразување. Граѓаните ја величаат демократијата, но честопати демократијата е причина за многу неправди! Следствено, цензурирањето на „Само вистина“ ја промовира радикалната демократија, која во многу се разликува од егалитарната, но пред сѐ во тоа што радикалната ги жртвува правата на поединецот на религиозниот олтар на колективитетот и на слепиот бес на толпата!
Ете, се збиднува, значи, и еден новинарски натуршчик да се обиде од вистината да направи отпадок на општествениот живот, т.е. со својата театралност да ја пародира стварноста. Но, таквата лага не е израз на стварноста, туку е мртва природа, којашто политичкиот поредок ја мести, за да напаѓа со нејзината некроспективност. И, сега, доколку го парафразираме славниот философ Диоген: оние неграмотници, кои публично се мијат во валканата вода на глувчешкиот тоталитаризам, каде ли одат потоа да се очистат! Или, останува да си се бањаат во провинцијализмот на радикалната демократија!
(Авторот Давид Нинов е епископ стобиски, ПОА)