„НЕКРЕДИБИЛНИОТ ПЕНДАРОВСКИ Е ГЛАС НА ПОРАЗЕНАТА ЕЛИТА“ Тој сакаше тивка капитулација, ама народот го порази, му порача ВМРО-ДПМНЕ
Нека биде јасно: Македонија нема да чека нови уценувања, за да стане членка на ЕУ. Нема да тргува со историјата, идентитетот и достоинството. Владата предводена од Христијан Мицкоски е подготвена за реформски процеси, но не и за капитулација. За разлика од Пендаровски, кој молчеше и климаше со глава додека ја кршеа Македонија, денешното раководство зборува јасно, гласно и во интерес на граѓаните, порачува ВМРО-ДПМНЕ.
Стево Пендаровски, поранешен претседател кој доби функција на поклон од Зоран Заев и чиј мандат остана запаметен по политичка сервилност, дипломатски резилења и рекорден степен на неважност, денес реши повторно да се јави од политичката сенка со уште една серија на празни флоскули, го коментира владејачката ВМРО-ДПМНЕ интервјуто на Пендаровски за Дојче веле.
Наместо да се соочи со катастрофалните последици од неговото неработење, Пендаровски се обидува да дели лекции за државност, интеграции и за политика, се вели во соопштението на владејачката партија.
„Да потсетиме: Токму тој беше човекот што 5 години храбро ја одмолче секоја неправда и скандал на власта на СДСМ и ДУИ. Молчеше кога Бугарија го блокираше патот на Македонија. Молчеше кога неговите ментори во Владата ги менуваа учебниците, се откажуваа од историјата и преговараа за идентитетот. Го немаше никаде кога граѓаните бараа правда, кога Македонија тонеше во корупција, сиромаштија и понижувања на двоецот Заев-Ахмети. Пендаровски беше и остана гласноговорник на тивката капитулација“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Денес, кога државата има премиер што не прифаќа ултиматуми, се додава, кога власта се врати кај народот, кога се брани националното достоинство, Стево Пендаровски станува загрижен – не за државата, туку за тоа што конечно нема кој да му даде фотелја.
„Неговите обвинувања за „колосално промашување“ не се ништо друго, туку одраз на паниката во редовите на поразената елита. Нека биде јасно: Македонија нема да чека нови уценувања, за да стане членка на ЕУ. Нема да тргува со историјата, идентитетот и достоинството. Владата предводена од Христијан Мицкоски е подготвена за реформски процеси, но не и за капитулација. За разлика од Пендаровски, кој молчеше и климаше со глава додека ја кршеа Македонија, денешното раководство зборува јасно, гласно и во интерес на граѓаните“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.
Пендаровски го обвинува Мицкоски за патриотизам, се додава.
„Да, вистина е, Мицкоски е патриот. Но, не со зборови, туку со дела: со работа, со визија, со почит кон народот, со одбрана на државните интереси. Пендаровски пак, остана симбол за тоа како изгледа политичар без став, без поддршка и без кредибилитет“, се вели во соопштението.
Понатаму, ВМРО-ДПМНЕ одговара на дел од искажувањата на експретседателот Пендаровски:
1. Како тоа одиме кон „недемократски држави“ – како што вели Пендаровски – а склучуваме стратешки партнерства со Велика Британија и имаме редовни средби со највисоки претставници на САД, меѓу кои последната беше пред 2 дена со Марко Рубио? Критиката на Пендаровски е или злонамерна или резултат на целосна неинформираност.
2. Пендаровски очигледно чувствува празен политички простор и се турка себеси како нов лидер на опозицијата. Наместо да се повлече и да се засрами за бламот што ѝ го нанесе на државата за време на неговиот мандат, тој, кој тогаш молчеше и одобруваше сè што ја донесе Македонија до работ на национален пораз, денес се јавува како гласноговорник на „загрижените“. Ако денес, според него, нешто не е добро, тогаш нека одговори зошто молчеше кога беше претседател? Дали тогаш сè беше во ред само затоа што фотелјата беше удобна, уцените јасни, а личните интереси пред сè? Зошто тогаш беше тивок како француска собарка пред важен гостин?
3. Пендаровски денес „не видел стратегиски договор со Британија“, човекот кој на Борисов му рече „кај си бе, љубави, те поздрави Зоки“, човекот кој правеше пазар со ДУИ базиран на сервилност и непринципиелност само за да остане претседател. И тоа молчејќи, додека тие партии, СДСМ и ДУИ, ја крадеа и ја уништуваа државата. Ако не видел ништо, подобро и да не гледа. Македонија не му должи ништо, а од него памети само што значи да имаш претседател без ниту еден принцип.
„На крајот, ако Стево Пендаровски сака нешто да каже, нека почне со извинување: за неговата тишина, за неговото одобрување на срамните понижувања, и за тоа што како врховен командант беше најтивкиот глас во времињата кога државата молеше за правда. Народот веќе пресуди. Вие изгубивте. Македонија оди напред“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.