НЕКОЛКУ СТОТИНИ МАСКИ ГИ РАЗВЕСЕЛИЈА ПРИЛЕПЧАНИ Традиционално, парадата ја предводеа Мечкарите
Прилепскиот карневал го враќа сјајот на меѓународната сцена и ќе се потрудиме уште повеќе да го збогатуваме - рече градоначалникот Дејан Проданоски.
Со неколку стотини маскирани од земјава и странство во Прилеп по 25-ти пат денеска се одржа карневалот „Прочка“. Дефилето на маските низ центарот на Прилеп традиционално го предводеа прилепските мечкари кои се заштитена маска на карневалот, но и како нематеријално културно наследство.
Со дефилето и обредниот ритуал на бркањето на злите духови, прилепските мечкари ја потврдија стогодишната традиција, која, велат ќе продолжи да живее и преку подмладокот што го имааат.
– Навистина е голема традицијата и цврсто се одржува. Радосен сум што карневалот го вративме на меѓународната сцена. Ни пристигнаа и учесниците од повеќе градови од Македонија, но и од Србија, Бугарија, нагласува Ванчо Ѓеорѓиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“ кое е организатор на прилепскиот карневал.
Според прилепскиот градоначалник, Дејан Проданоски, се враќа сјајот на Карневалот и празнувањето на Прочка во Прилеп што во себе го носи простувањето.
– Маските се одраз на сето она што се случувало во текот на годината. Да се избрише лошото, да се остави простор за доброто. И да се простува. Прилепскиот карневал го враќа сјајот на меѓународната сцена и ќе се потрудиме уште повеќе да го збогатуваме, рече Проданоски.
Жири комисија ги прогласи најдобрите маски, и на централното карневаско дефиле, и од детскиот карневал.
Наградата „Гран при“ отиде кај маската „Весела фарма“ од ООУ „Добре Јованоски“.
На Детскиот карневал првонаградена беше маската „Од цветот на знаењето се раѓа медот на успехот“ од ООУ „Кочо Рацин“, а од возрасните групни маски маската „Пепелашка на карневал“ од групата Зодијак. Меѓу поединечните детски маски наградена беше маската „Готик грл“ на Мидеа, како и маската „Пикселстар“ на Мила Спироска во конкуренција на возрасни.
Прилепските мечкари ги поканија учесниците утре, на чисти понеделник, на традиционален посен ручек- посен грав во манастирот „Свети Ѓорѓија“ кај Прилеп со што ќе се означат и Велигденските пости.