НЕКОЛКУ ЕВРОПСКИ ДРЖАВИ СЕ ПОДГОТВЕНИ ДА ИСПРАТАТ ВОЈНИЦИ ВО УКРАИНА Според Руте, Путин е главната пречка за мирот

Оваа година напредокот на Путин беше минимален: занемарливи територијални придобивки, помалку од 1 процент од територијата на Украина од почетокот на годината, а 1,1 милион луѓе се убиени или ранети на руска страна, вели генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

448

Рускиот претседател Владимир Путин е главна пречка за мирот во Украина, вели генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во интервју за германскиот весник Билд.

Руте одговарајќи на прашање зошто е толку тешко да се стави крај на војната во Украина, посочи оти „причината е Путин“, кој е „подготвен да жртвува 1,1 милион свои граѓани“.






– Оваа година неговиот напредок беше минимален: занемарливи територијални придобивки, помалку од 1 процент од територијата на Украина од почетокот на годината и, според нашите процени, 1,1 милион луѓе се убиени или ранети на руска страна – рече Руте.

Според него, неколку европски држави, доколку е потребно, се подготвени да испратат војници во Украина.

– Се работи за дефинирање на прецизната структура на Коалицијата на подготвените: Како би се одвивало распоредувањето? Што би се случило на копно, на море, во воздух? Сите овие елементи сè уште се разработуваат – посочи Руте.

Тој истакна дека „има многу почит“ за американскиот претседател Доналд Трамп, бидејќи „тој е единствениот кој успеа да го доведе Путин на преговарачка маса и единствениот кој конечно може да го натера да склучи мир“.

Руте наведе и дека не очекува САД да ја повлечат поддршката за Украина и оти ќе продолжи размената на информации и испораката на оружје за Киев.

Поврзани содржини