НЕКОИ ТРАКТОРИ НИКАКО ДА ПОЛЕТААТ Авионите за гаснење пожар сè уште чекаат на сервис
Пожарите предизвикаа огромна штета, внесоа немир кај населението, но и покажаа дека за справување со огнена стихија со вакви размери потребни се дополнителни како технички, така и човечки сили за следната сезона на пожарите, за земјата да биде подготвена да реагира навреме.
Македонија беше во пламен на почетокот на август, поради што беше прогласена кризна состојба од страна на Владата. Во битката со пламената стихија беа вклучени речиси сите расположливи сили за спречување со пожарите, но земјата доби и помош однадвор.
Пожарите предизвикаа огромна штета, внесоа немир кај населението, но и покажаа дека за справување со огнена стихија со вакви размери потребни се дополнителни како технички, така и човечки сили за следната сезона на пожарите, за земјата да биде подготвена да реагира навреме.
Директорот на Дирекција за спасување и заштита, Беким Максути за Плусинфо објасни што се е потребно за идната година земјата да биде подготвена да реагира навремено.
– Од страна на Владата беше побарано мислење и ставови, како да се подобри начинот за справување со пожарите. Ние како ДСЗ имаме поднесено план во делот за опремување и финансиска рамка, колку би чинело тоа, како и во подобрување во начините на координација за излегување на терен – вели за Плусинфо директорот Максути.
Тој додава дека склучен е договорот за сервисирање на трите Ер трактори „Фајрбос“ кои имаат носивост од 3 илјади литри во резервоарите, а кои останаа приземјени за време на кризата, но потенцираше дека остануваат само техничките детали. Поточно да се обезбедат дозволите за летање, маршрутата по која ќе се движат, како и пристигнувањето на пилотите од компанијата од Шпанија кои треба да ги однесат. Максути вели дека очекува авионите да бидат ставени во функција до крајот на годината и со тоа тие да бидат на располагање за идната сезона на пожари.
– Секако тука треба да се спомене дека останува делот за доопремување, како што се возила и опрема, имаме предвидено и побарано буџет и очекуваме тоа да помине на некоја од владините седници и во Собрание. Но и владата има заклучоци, преку Македонски шуми и Министерството за животна средина, да се набават дополнителни средства за гаснењето на пожари, а тоа да резултира со зголемување на капацитетите за справувањето со пожари во текот на идното лето – додаде Максути.
Со сличен став е ѝ директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов кој вели дека за да биде земјата подготвена пред идната сезона за пожари, потребно е дополнително опремување на противпожарните единиците, особено на тие од шумските стопанства и национални шуми.
– Потребна е набавка на дополнителна количина на теренски возила кои имаат можност да носат вода, затоа што станува збор за шумски пожари, каде што противпожарните возила тешко дека може да пристигнат. Морам да потенцирам дека ние и сега не сме за потценување, кога станува збор за опременоста, но доколку обемот и динамиката на пожарите е како ова лето, потребни ни се повеќе возила и опрема – ни објасни директорот Ангелов.
Директорот вели дека потребно е доопремување на армиските и полициските хеликоптери со цел поголем дел од нив да бидат на располагање при гаснењето на евентуални шумски пожари.
– Во моментов имаме опрема само за два хеликоптери, кои не гаснеа постојано двете исти летала, затоа што опремата се монтираше на други. Сметам дека од постоечкиот капацитет можеме да го зголемиме за барем уште два хеликоптери. Ние летово се обидовме да монтираме опрема на еден од полициските, но не успеавме затоа што не беше соодветна. Значи потребно е да се види колку од хеликоптерите се соодветни за гасење на пожари, бидејќи не секој може да се користи за таа намена – вели Ангелов за Плусинфо.
Покрај набавката на дополнителни цистерни, кои може да се користат при гаснењето на пожари каде што е рамно или во села каде што може тие да пристигнат и да интервенираат.
– Според мене најважно е работењето на рано откривање на пожарите. Станува збор за специјална опрема која ги детектира пожарите уште во раната фаза. Тоа се камери кои имаат посебни сензори коишто детектираат дим и имаат домет до 20-30 километри. Но тука имаме проблем со дрвокрадците и ловокрадците, кои сметаат дека тие се поставени за нив и поради тоа ги уништуваат. За нас од големо значење е раната дојава за пожарите, затоа што во прва фаза на пожарот може да се реагира со помалку ресурси, пред да се разгори и да излезе од контрола – објаснува директорот на ЦУК.