НЕКОИ ОБВИНИТЕЛИ ИЗГЛЕДА ИМААТ НАЛОГ ДА ГО „ЗАКОЛАТ“ ХАЈРУЛАХИ Во Штип нема изземање, има само земање!
Како било можно вишиот обвинител Бојаџиски да одлучува дали да се изземе обвинителката Кацарова од постапката, како што бара Хајрулахи? Покрај Кацарова, со кривичната пријава на Хајрулахи е опфатен и самиот Бојаџиски.
Една одлука на Вишотото јавно обвинителство од Штип се чини дека ги потврдува страхувањата дека постои спремност на октроираните штипски обвинители да ги прекршат сите законски норми и правила, за да ја остварат задачата да му се одмаздат на Мустафа Хајрулахи, суспендираниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство. Сега е појасно зошто државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски ја испрати во Штип кривичната пријава против Хајрулахи за наводен мобинг, што потоа ја искористи да го одалечи Хајрулахи од работното место.
Во почетокот од март годинава, суспендираниот Хајрулахи поднесе кривична пријава против Јавниот обвинител на РСМ, Љупчо Коцевски, против Татјана Кацарова, Основен јавен обвинител од Штип, против Ристо Бојаџиски, Виш јавен обвинител од Штип, како и против Ермон Незири, член на Советот на јавни обвинители на РСМ, за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување по членот 353 став 1 в.в член 22 од Кривичниот законик.
Со кривична пријава, Хајрулахи поднесе е и барање за иземање на Татјана Кацарова, јавниот обвинител кој постапува по предметот, како шеф на Основното јавно обвинителство.
После еден месец, денеска, на 1 април, Ристо Бојаџиски, виш јавен обвинител од Штип, донел одлука (РО бр. 28/25), со која го известува Хајрулахи дека барањето за изземање на обвинителката Татјана Кацарова од постапување по предметот се одбива како неоснована.
Наведените причини за ваквата одлука се неиздржани, смета Хајрулахи, односно не се образложени причините поради кои се одбива барањето како неосновано.
Дали експедитивноста на штипското обвинителство спласнува? За да се донесе наредба за отварање на истрага им беа потребни само два дена, а за да донесе одлуката со која се одбива мое барање за изземање му требало ни помалце ни повеќе туку месец дена – вели Хајрулахи.
Тој е зачуден првенствено од фактот што Бојаџиски воошто се впуштил во одлучувањето за барањето за изземање на Кацарова, бидејќи и тој е опфатен со кривичната пријава поднесена во почетокот од март 2025. Примерок од кривичната пријава му била доставена и нему лично, со цел да биде запознаен со наводите.
– Ако за овој јавен обвинител важат правилата, односно законски пропишаните норми, дека кога тој е директно засегнат со кривичната пријава поднесена против него, а токму за нестручно и несовесно работење, согласно со одредбите предвидени во Законот за кривична постапка како и во Законот за јавно обвинителство, тој требало да се изземе и да не одлучува за барањето за изземање – категоричен е Хајрулахи.
Дали тоа што Бојаџиски одлучувал за барањето за изземање на Кацарова е доволна причина да се фрли сомнеж за страв од можно постапување на друго обвинителство за кривичната постапка која се води против Хајруклахи, за наводно кривично дело Малтретирање во вршење на служба?
– Јас се сомневам дека на штипските обвинители им е наложено да го задржат тој предмет за лажниот мобинг кај себе и да не го даваат на друго обвинителство. Бидејќи така би се отвориле многу прашања за начинот на кој се води кривичната постапка и ќе се разоткрие целиот криминал поврзан со наредбата за отварање на истрага, со која Коцевски ме оддалечи од вршењето на функцијата виш јавен обвинител. Евентуалното распоредување на предметот во друго, не толку окторирано обвинителство и јавен обвинител, можеби ќе резултира со поинаков исход на целата постапка. Од тоа се плашат. Од страв да не падне предметот кај друг објективен и стручен обвинител, Ристо Бојаџиски се впуштил во ваков чин, а одлучува за самиот себе, знаејќи дека со тоа прави ново кривично дело – категоричен е Хајрулахи.