„НЕКОЈ СВЕСНО ГО ТРУЕ СКОПЈЕ ЗА ПОЛИТИЧКИ ПОЕНИ“ Ѓорѓиевски тврди дека некој намерно ги пали депониите пред избори
Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ја повика полицијата и обвинителството итно да откријат кој стои зад намерното палење на депониите околу главниот град.
Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, реагираше на серијата пожари кои деновиве ја загадуваат метрополата, предупредувајќи дека зад нив стои намерна намера за создавање вештачка криза.
– Ја споделувам грижата на скопјани. Не само што некој си игра со трпението, туку си игра и со здравјето на илјадници граѓани во Скопје! Го повикувам Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да ги превземат сите неопходни мерки за откривање на сите кои се замешани во свесното и намерно потпалување на сите депонии околу главниот град Скопје. И ги повикувам да постапат брзо – порача Ѓорѓиевски.
Тој вели дека има основани сомнежи оти дел од пожарите се намерно предизвикани со политичка позадина.
– Постојат основани и отворени сомнежи кај мене, а и кај сите луѓе со кои разговарам, дека поголем дел од пожарите кои се случуваат овие денови се подметнати со цел создавање на вештачка криза во општеството во очи на претстојните локални избори. Никогаш во последните неколку децении не ни се случувало ова, да се палат ридови и сите ѓубришта во радиус од 20 километри околу главниот град – изјави Ѓорѓиевски.
Тој порача дека првата негова задача по евентуалната победа на изборите ќе биде создавање систем кој ќе спречи вакви појави.
– Најавувам дека по одржувањето на локалните избори првата и основна задача ќе ми биде создавање на систем каде нема да има пожари, Скопје ќе биде чисто, а депониите нема да бидат веќе проблем туку решение. Имам План за чисто и здраво Скопје. Имаме комунални претпријатија со илјадници вработени, а немаме кој да се грижи за комуналниот ред – истакна тој.
Ѓорѓиевски додаде дека „овие пожари се со цел да се предизвикаат политички пожари, а жртви се граѓаните“.
– На овој напад против животната средина и против здравјето на граѓаните мора да му се стави крај – нагласи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.