📽️ 📷 НЕКОЈ САКАЛ ПАК ДА ГО АКТИВИРА ПОЖАРОТ Најдени палети со бензин фрлени во смреки кај Чучер
Најдени палети натопени со бензин, Дирекцијата за спасување апелира за будност кај граѓаните.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска алармираше дека има сериозни индиции дека пожарот во околината на Чучер Сандево е подметнат, со намера да се предизвика штета и паника меѓу жителите.
– Веднаш ми беше јасно дека не станува збор за случаен пожар од отпушок. Кога стигнавме на местото, 15-20 минути по избувнувањето, огнената линија беше предолго широка, што предизвика сомнеш за подметнување – изјави Ангелов.
Но најшокантното откритие дошло утрово. Додека пожарникарите се обидувале да го догаснат она што останало од пожарот, кој сега е ставен под контрола, биле пронајдени палети премачкани со бензин, фрлени во густите смреки.
– Некој утрово намерно се обидел повторно да го запали теренот. Тоа е директна закана за целиот регион. Апелирам до сите граѓани доколку забележите сомнителни лица кои пренесуваат палети со возила или во раце, веднаш јавете се на 112 – додаде Ангелов.
Тој истовремено ги демантираше гласините дека биле зафатени верски објекти или изгореле викенд-куќи во регионот на Чучер.
– Благодарение на скопските пожарникари, пилотите од полицијата и армијата, како и несебичната помош од жителите – не дозволивме да изгори ниту една куќа – рече тој.
Надлежните сега ќе ги истражуваат трагите и доказите со цел да се утврди дали навистина станува збор за подметнување на пожар – дело кое може да има сериозни последици и кривична одговорност.
Денеска, од самите утрински часови, два хеликоптери од Хеликоптерската единица за полициски намени при МВР, Бел 412 и Агуста бел 212 интензивно учествуваат гасење на пожарот кај Чучер- Сандево. Досега се исфрлени преку 70 тони вода.