Некој од внатре го урива Груби, хакирана веб страницата на Министерството за политички ситем!?
До Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на 23.11. 2020 година преку официјалната емаил адреса од секторот за кумпјутерски криминал пристигната е пријава од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и се преземаат соодветни мерки и активности, велат од МВР.
Официјалната веб страница на Министерството за политички систем е хакирана, а таа која во моментов е во функција е привремена, вели за Плусинфо првиот вицепремиер Артан Груби, откако вчера дел медиуми, но и политичари, жестоко реагираа дека официјалната веб страница на министерството со кое раководи Груби е само на албански јазик. Од МВР потврдија дека Груби пред три дена го пријавил хакерскиот напад и дека истрагата е во тек, но засега не откриваат други детали.
– Веб страницата на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците беше субјект на внатрешна и на надворешна саботажа и ја урнаа намерно сосе мејлови и сѐ останато. Таа што сега е во функција е привремена додека не се направи нова. Инаку веб страницата беше на сите јазици. И сега ја градиме од нула. Пријавив во МВР и има истрага – изјави за Плусинфо Груби.
Неофицијално дознаваме дека во Кабинетот на Груби се сомнева дека хакерскиот напад е извршен од вработени во министерството со кое тој раководи, но и од надворешни контрактори.
Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека Груби за уривањето на веб страницата на министерството пријавил пред три дена.
– До Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на 23.11. 2020 година преку официјалната емаил адреса од секторот за кумпјутерски криминал пристигната е пријава од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и се преземаат соодветни мерки и активности – велат од МВР.
Според ова, произлегува дека некој намерно се обидел да му импутира на Груби дека како прв човек на ресорот за политички систем и односи меѓу заедниците се грижи само за албанската заедница, бидејќи лавината жестоки реакции беа токму во таа насока, а дел политичари побараа одговорност од првиот вицепремиер.
Прозивките во медиумите беа дека само албанскиот јазик е во употреба на официјалната веб страница на тоа министерство.
Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски праша дали Владата ќе има сила и храброст да го казни првиот вицепремиер. Актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Дарко Костовски го повика Груби да каже на која земја е министер. Левица исто констатира дека официјалната интернет страница на тоа министерство е достапна само на албански јазик и потсетува дека Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, со кое раководи првиот потпретседател на Владата, Артан Груби, во своите основни надлежности буквално има дефинирано грижа за „функционирање на политичкиот систем“, но сепак, токму тоа е институцијата која не го исполнува основниот услов како орган на државната власт во Република Македонија.
По ваквите раекции, вчера од кабинетот на Груби одговорија дека интернет страницата на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во овој двонеделен период била нефункционална.
– Беше нефункционална, поради недоразбирање со сега веќе претходната компанија која што ја одржуваше интернет страницата https://mpsoz.gov.mk/. Веб страницата на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците моментално се обработува и не е целосно комплетирана. Секако дека истата ќе биде на македонски јазик и на албански јазик, соопшти Кабинетот на Груби.