НЕКОЈ ГИ ЗЕЛ ЕДНАТА ЛОПАТА И КОПАЧОТ Кешишев вели дека само Велибор може да каже кој пукал во Вања
Кешишев рече дека Палевски го возел „кангуто“ со ракавици и дека затоа немало траги од него во ова возило.
Обвинетиот Влатко Кешишев денеска во судница негираше дека тој и Велибор Манев ја копале дупката за убиената Вања Ѓорчевска, во местото Бразда.
Тој рече дека ги однел полицајците и до местото каде што биле фрлени лопатите со кои била закопана Вања.
– Јас им го покажав местото. Пред мене ја зедоа лопатата. Имаше уште една лопата и копач, но некој ги зел. Најдена е само една лопата, полицијата коментираше дека другите некој ги зел. Јас едната лопата ја фрлив, а после 20 метри ги фрлив другата лопата и копачот. Не излегував од возилото, ги фрлив низ вратата – рече Кешишев.
– Како успеавте да фрлите лопата од затворено комбе чија врата се отвора однадвор? – праша адвокатот на Љупчо Палевски, Јовица Страшевски.
– Вратата се отвора странично, ја отворив и ја фрлив. Јас знам дека комбето се движеше споро – рече Кешишев.
– Носевте ли ракавици кога ги фрливте лопатите? – праша Страшевски, а Кешишев одговори негативно.
– Ако не сте носеле ракавици, како е можно да нема ваши траги на лопатата? – праша Страшевски.
– Не знам, да не е поради WD-40 – рече Кешишев.
– И вие ли ја бришевте лопатата? – праша Страшевски.
– Не – рече Кешишев.
– Вие бевте заедно на лице место со Боре, Велобор и со Палчо на местото на убиството на Вања? – праша Страшевски.
Кешишев потврди.
– Видовте кој пукаше? – праша Страшевски.
– Видов дека Палчо држи пиштол во рака – рече Кешишев.
– Дали видовте кој пука? – праша Страшевски.
– Бев далеку. Стоев каде што ми кажаа. Тоа може да го потврди Вељо бидејќи беше до него – рече Кешишев.
– Сигурен сте дека Манев беше до него? – праша Страшевски.
– Да – рече Кешишев.
Адвокатот рече дека Манев рекол дека бил на страна.
Тој го праша Кешишев дали можел да излегува од штабот кога ќе посака. Кешишев рече дека излегувал да купува, да го шета кучето, но кога сакал да оди во Хрватска, Палевски му рекол „не бива“, кога сакал да оди во Штип, Палевски го свртел муабетот кон друго.
– Дали вие, Боре, Велибор и Палевски за време на двата настани носевте маски за прикривање на лицето и ракавици? – праша Страшевски.
– Јас не сум носел ни во Велес ни во Скопје. А на лице место не бев и не видов дали носат маски и ракавици. На првиот настан бев премногу далеку. На вториот настан бев на 20 метри, а тројцата стоеја кај колата. Последен пат кога го видов Палчо го држеше пиштолот. Не можев да кажам дека не сум бил таму, бев на 20 метри – рече Кешишев.
– Дали Велибор и Боре носеа маски на лицата и ракавици кога ве повикаа да го донесете „цитроенот“ пред влезот на Вања и вие го отворивте гепекот? – праша Страшевски.
– Не знам, мислам дека не, бидејќи излегоа надвор – рече Кешишев.
– Кој од нив двајцата ја донесе Вања во гепекот? – праша Страшевски.
– Вељо ја носеше – рече Кешишев.
– Како е можно од Фејсбук да дознаете дека е убиено девојчето, а сте биле на лице место? – праша Страшевски.
– По настанот, видов дека девојчето се бара. Отидов кај Палчо и го прашав „што е ова?“ – рече Кешишев.
– Знаете ли отприлика кое време е извршено убиството на Панче? – праша Страшевски.
– Не знам време. Беше претпладне – рече Кешишев.
– Зошто по првото убиство на Панче не се повлековте и не се покајавте, туку продоживте и понатаму да учествувате со другите и во другото убиство? – праша Страшевски.
– Не можев, оти премногу имав слушнато. Уште првиот пат ми кажаа дека никој не смее да знае за тоа, јас тоа го зедов здраво за готово и така се случи – рече Кешишев.
– Зошто ливчето за кое тврдите дека ви го дал Палевски во комбето во кое има и затворски полицајци, не им го пријавивте ним или на Судот или на управата за затворот? – праша Страшевски.
– Затоа што тој ми го даде, имаше доверба во мене, инсистираше да го напишам и да го пратам и знаеше дека нема да го издадам – рече Кешишев. – Ако имате толкава доверба, тогаш од каде ви е стравот од Палевски? – праша Страшевски.
– Страв бидејќи ќе заглавам повеќе – рече Кешишев.
Тој рече дека Палевски го возел „кангуто“ со ракавици и затоа немало траги од него.
Од Кешишев можело да има отпушоци.
– Ако возел со ракавици, од каде потребата да го брише воланот со WD-40? – праша Страшевски.
– Носеше ракавици. Не знам – рече Кешишев.
– Семејниот човек кој беше тука споменат и заштитен со идентитет, за кој за жал никој не покрена постапка да го најдат кој е, а би бил битен за оваа постапка, дали дојде кај вас и од партија го подигна ранецот? – праша Страшевски.
– Никој не дошол да земе ранец, барем пред мене – одговори Кешишев.