НЕКА ВНИМАААТ ШТО ПОСАКУВААТ, МОЖЕ И ДА ИМ СЕ ОСТВАРИ Мицкоски со порака до СДСМ за предвремени парламентарни избори

Нашата опозиција, која доживеа историски дебакл на локалните избори, ја слушам како се храбри, па дури и прави пресметки околу пратенички места, премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод Денот на македонската револуционерна борба - 23 Октомври.

856

Првиот круг од локалните избори покажа дека народот има надеж и очекувања кои нема да ги разочараме ниту да ги изневериме, рече премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври.

На опозицискиот СДСМ му порача се консолидира и да размисли дали ќе се осмели да оди на предвремени парламентарни избори.






– Изборите од првиот круг, изразени низ освоените градоначалнички и советнички места, ја докажаа доминантната улога и поддршка што ја има ВМРО-ДПМНЕ. И ова докажува дека народот има надеж и очекувања кои нема да ги разочараме ниту изневериме. Од друга страна, пак, нашата опозиција, која доживеа историски дебакл, ја слушам како се храбри, па дури и прави пресметки околу пратенички места – рече Мицкоски.

Иако се наоѓаат во тежок изборен нокаут од народот, додаде тој, имаат нереални математики со кои само дополнително го иритираат.

– Она што е интересно е што дури и во нивните анализи тие кажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ има јасна и чиста победа. Нема пресметка во која тие би победиле на каков начин било. Тоа покажува дека сè уште не научиле ниту една лекција, што во извесна мера е и потценување на сопствениот народ и гласачи. И сето тоа во извесна мера е и обид да создаде алиби за својот дебакл. Да го задржат лидерството од бранот незадоволство на членовите на таа партија – истакна Мицкоски.

Овој бран на огромна поддршка и ваква разлика со конкурентите е огромна одговорност за нас и ние ќе работиме да ја оправдаме довербата, додаде премиерот.

– А на СДСМ им оставаме време да се консолидираат и да размислат дали ќе се осмелат да одат на предвремени избори, кои јас не ги посакувам и сметам дека се непотребни и дека е време за резултати и голема офанзива на секој план. Но, нивната весела математика и оваа упорност со надмудрување и создавање на вештачки теми и блефови треба да добие соодветен одговор. Затоа нека внимаваат што зборуваат и што посакуваат – може и да им се оствари – рече премиерот Мицкоски.

 

Поврзани содржини