НЕКА СЕ ДОГОВОРАТ РАБОТНИЦИ И ГАЗДИТЕ Државата нема да ги покрива платите во приватниот сектор, порача Димитриеска Кочоска

Министерката за финансии порача дека минималната плата е прашање за социјален дијалог меѓу работниците и работодавачите, додека Владата ќе остане во рамки на законот.

673

Работниците и работодавачите треба меѓусебно да се договорат за висината на минималната плата, а Владата ќе го прифати секој договор што тие ќе го постигнат, изјави вечерва министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ, министерката истакна дека платата на ниту еден работник никогаш не е доволна и дека секогаш треба да биде повисока, но потенцираше дека мора да се почитуваат економските правила.






– Нека седнат и нека се договорат колку товар можат да понесат работодавачите, затоа што тие ги исплаќаат платите. Кажете ми каде во светот државата ги покрива платите во приватниот сектор? Владата може да ги покрива платите во администрацијата, но овде станува збор за приватниот сектор. Не можеме да ги мешаме работите – изјави Димитриеска Кочоска.

Таа нагласи дека државата се грижи за платите во јавниот сектор и потсети дека Владата ги зголемила платите во здравството, образованието, Министерството за внатрешни работи и во други институции.

– Ова е дијалог што треба да го водат работодавачите и работниците. Владата вели – ние го поставивме законот, ако сметате дека треба да одиме надвор од законската рамка, договорете се – додаде министерката.

На прашањето зошто Владата не се водела од истата логика при одлуката за линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари, иако постоеше закон за усогласување, Димитриеска Кочоска одговори дека станува збор за предизборно ветување.

– Тоа беше програма што ја поддржа мнозинството граѓани на изборите во 2024 година. Зголемувањето на пензиите со политичка одлука и барањето на ССМ за минималната плата се различни работи – рече таа.

Министерката потенцираше дека во однос на минималната плата постои важечки закон и дека тоа е официјалниот став на Владата.

– Законот за минимална плата е во сила. Кај пензионерите, вкупниот износ што се исплаќа не го зголемивме – само начинот на распределба беше линеарен. Во конкретната ситуација со минималната плата, остануваме на постојното законско решение – појасни Димитриеска Кочоска.

Во однос на можноста за зголемување на платите на функционерите, министерката рече дека нема таква информација и дека на Влада не било дискутирано за тоа прашање.

– Не сум ресорен министер за платите на функционерите и ќе ве замолам ова прашање да го упатите до надлежното министерство – нагласи таа.

Поврзани содржини