НЕКА ПРАВАТ ВО ЕУ ШТО САКААТ СО КУПЕНАТА СРПСКА МУНИЦИЈА Вучиќ нуди оружје, вели дека Србија останува неутрална
Нашите магацини се полни со муниција и произведуваме сè повеќе, особено минофрлачки гранати. Произведуваме повеќе муниција од Франција, изјави српскиот лидер нагласувајќи дека Србија останува воено неутрална.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека ѝ понудил на Европската унија да купи муниција од неговата земја. На прашањето дали таа муниција може да заврши во Украина, одговори дека „купувачите можат да прават што сакаат со неа“, јави германското списание „Цицеро“.
Меѓутоа, Вучиќ нагласи дека Србија останува воено неутрална, иако произведува и продава сè повеќе оружје.
– Нашите магацини се полни со муниција и произведуваме сè повеќе, особено минофрлачки гранати. Произведуваме повеќе муниција од Франција – изјави српскиот лидер.
Сепак, според него, Белград активно соработува со европските земји во воени мисии низ Африка, Азија и на други континенти, и е подготвен „да го зголеми присуството заедно со европските сили“.
Од друга страна, во мај Вучиќ изјави дека ќе забрани потпишување договори за оружје доколку постојат сомневања дека тоа оружје може да заврши „на бојното поле“. Со тоа реагираше на обвинувањата на руската надворешна разузнавачка служба дека Србија преку лажни сертификати и посредници испраќа муниција во Киев.
Руските извори тврдат дека за прикривање на вистинската дестинација се користат „лажни сертификати за крајни корисници“ и земји посреднички, меѓу кои членки на НАТО, Чешка, Полска и Бугарија, како и неколку африкански држави.
Сепак, Белград досега негирал директни испораки за Украина, повикувајќи се на политиката на неутралност и на потребата Србија да ги штити и економските интереси и надворешната рамнотежа помеѓу Истокот и Западот.