НЕКА ПАДНЕ ВЛАДАТА ВО СКОПЈЕ, АМА ДОГОВОРОТ ДА СЕ ПРИФАТИ Петков му дава совет на Ковачевски
На крајот на денот, знам дека тоа е политички тешко. И знам дека ризикот од уривање на владата е голем. Како политичар, секој мора да одлучи која е неговата цел. Дали е моја цел да бидам стабилен или ми е цел да ја водам нацијата? Направете чекор понатаму, не е удобно во таа положба. Мислам дека тоа е одлуката што Ковачевски треба да ја донесе. Да бев на негово место, не би размислувал двапати, вели Петков.
Кирил Петков, бугарскиот премиер во заминување, го повика Димитар Ковачевски да донесе храбра одлука и да го прифати францускиот предлог, што би ја отворило вратата за Македонија да почне пристапни преговори со ЕУ, известува „Политико“.
Но Петков призна дека таквиот чекор би можел да ја собори владата на Ковачевски, исто како што тој се соочи со падот на неговата Влада.
– На крајот на денот, знам дека тоа е политички тешко. И знам дека ризикот од уривање на владата е голем. Како политичар, секој мора да одлучи која е неговата цел. Дали е моја цел да бидам стабилен или ми е цел да ја водам нацијата? Направете чекор понатаму, не е удобно во таа положба. Мислам дека тоа е одлуката што Ковачевски треба да ја донесе. Да бев на негово место, не би размислувал двапати. Ако може да остане забележан во историјата преку отворањето на вратата на Северна Македонија во ЕУ, мислам дека тоа е добро постигнување за премиер, но потребна е храброст – порача Петков.
Петков во интервјуто вели дека компромисот предложен од Франција треба да биде сметан за „европски договор“, а не само за спогодба помеѓу Бугарија и Македонија.
– Ова не е Бугарија против Северна Македонија. Ако одлуката биде донесена, тоа треба да биде европски договор на масата во Северна Македонија – заклучува Петков.