НЕКА КАЖАТ ЗОШТО МЕ СМЕТААТ ЗА АНТИЕВРОПСКИ ПОЛИТИЧАР Зијадин Села се чувствува разочарано од Алтернатива
Ние можеме да одговараме за нашите чекори, но за чекорите на другите политички партии треба самите тие да си одговараат. Ги слушнавме нивните аргументи и нека ми кажат во кој дел Зијадин Села е антиевропски, изјави лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во интервју за емисијата „200“ на Алсат, првпат проговори по последните политички случувања и за растурањето на коалицијата со партијата на Африм Гаши, Алтернатива, која од опозиција премина во владата.
Села призна дека се чувствува разочаран од потегот на досегашниот коалициски партнер Гаши, но не даде конкретен одговор што точно се случи со заладувањето на оваа коалиција и промената на односот на Алтернатива кон неговата партија.
– Се чувствувам разочарано и не можам да се чувствувам поинаку. Но, исто така се чувствувам горд на секој пратеник на Алијанса за Албанците, на секој претставник на Алијанса за Албанците, бидејќи тие луѓе се сериозни и решителни. Знаеме дека имавме 12 пратеници од народот, а овие 12 пратеници не се сопственост на субјектот, туку се сопственост на граѓанинот кој гласал за промени. Коалициите не се лесни, тие се тешки. Ние можеме да одговараме за нашите чекори, но за чекорите на другите политички партии треба самите тие да си одговараат. Ги слушнавме нивните аргументи и нека ми кажат во кој дел Зијадин Села е антиевропски – изјави Села.