НЕКА БИДЕ ОВА ГОДИНА ВО КОЈА МИРОТ И НАПРЕДОКОТ ЌЕ ГИ ПОБЕДАТ СИЛИТЕ НА ЗЛОТО, ХАОСОТ И СТРАДАЊАТА
Редакцијата на Плусинфо на сите читатели и на своите деловните соработници им посакува многу здравје, спокојство, успеси и бериќет во новата 2026 година.
На прагот на 2026 година, зад нас останува период обележан со војни, кризи и длабоки глобални неизвесности. 2025 беше година во која светот потона во урнатини што ги замаглија хоризонтите на мирот и напредокот. Стравот и поделбите ја потиснуваа надежта и луѓето сè погласно зборуваа дека во Европа неизбежно ќе избие голема војна, која може да предизвика дури и нуклеарен армагедон.
Новата година ја дочекуваме со очекување разумот, дијалогот и договорот да надвладеат над логиката на конфликтот. Ја дочекуваме со надеж дека разумот и добрината ќе победат, а силите на злото насекаде ќе бидат поразени. Мирот и стабилноста не се апстрактни вредности, туку предуслов за развој, за економски напредок и за подобар живот на луѓето.
Таквиот пресврт би бил силен поттик и за нас во Македонија, за сите добри и одговорни луѓе кои се трудат земјата да напредува и да се реформира, а народот да живее подобро, негувајќи разбирање и толеранција за различностите. Помирен свет и посигурен регион за Македонија повеќе можности, повеќе инвестиции и подобра перспектива за граѓаните. Затоа, да ги прославиме овие празнични денови скромно но весело, со надеж за подобро утре.