НЕИЗВЕСНОСТА ОД ТРГОВСКАТА ПОЛИТИКА НА ТРАМП Е ПОГОЛЕМА ОД САМИТЕ ЦАРИНИ Лагард очекува новите царини благо да ја зголемат инфлацијата

Претседателката на ЕЦБ забележа дека европските земји би биле многу поотпорни на вакви шокови доколку ги отстранат нетарифните трговски бариери во рамките на Европската Унија.

0

Европа треба јасно да покаже какви инструменти има на располагање, да демонстрира колективна решителност и да дејствува обединето, бидејќи само така може да ги заштити своите интереси во новиот меѓународен поредок, изјави денес претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард.

Во интервју за француското радио RTL, таа оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп „често применува трансакциски пристап“, како и дека „ја поставува летвата многу високо, на нивоа што понекогаш се целосно нереални, со цел да изнуди отстапки“, додека Европа треба да дејствува на координиран и силен начин на ваквите потези.






Според неа, неизвесноста предизвикана од американската трговска политика е поголем проблем од инфлаторниот ефект на царините.

Лагард очекува дека инфлациското влијание на американските царини врз Европа ќе биде благо, при што негативните последици ќе бидат поизразени во Германија отколку во Франција.

Таа забележа дека европските земји би биле многу поотпорни на вакви шокови доколку ги отстранат нетарифните трговски бариери во рамките на Европската Унија.

Во саботата, Трамп објави воведување на 10% царини за стоки од Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска, почнувајќи од 1 февруари, со можност за зголемување на 25% почнувајќи од 1 јуни.

Како што изјави, новите царини ќе бидат во сила сè додека Соединетите Американски Држави не добијат дозвола за купување на данската територија Гренланд.

Главните членки на Европската Унија го оценија овој потег како политичка уцена и најавија одмазднички мерки, вклучително и воведување царини за американски стоки во вредност до 93 милијарди долари.

Поврзани содржини