Неизвесно кој ќе биде новиот станар на Илинденска бб
Според Уставот, претседателот на државата е должен во рок од 10 дена од конституирањето на законодавниот дом мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.
По одржувањето на конститутивната седница на Собранието, од денеска почнуваат и разговорите за формирање на новата влада. Партиите кои по изборите неофицијално ги почнаа разговорите, се очекува од денеска да ги интензивираат напорите околу обезбедување мнозинство во новиот парламентарен состав и формирање нова влада.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев како што најави и по изборите, преговорите за нова влада официјално ќе ги почне по Илинден.
Тој најави дека ќе разговараат за коалицирање со сите партии кои се подготвени да го прифатат европскиот, демократскиот, слободарскиот, напредниот концепт и патот што Северна Македонија го оди како земја членка на НАТО. За „структурите кои заговараат идеи различни од демократскиот и европскиот концепт“, како што рече Заев, не може да бидат дел од идната владејачка коалиција водена од СДСМ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски завчера во обраќањето по повод двата Илинден од Ташмаруништа, Струшко, повтори дека „ќе учествуваат во натпреварот за формирање влада, којшто се игра до последна минута“.
Мицкоски минатата недела рече дека не поддржува широка коалиција и смета оти таквата Влада ќе биде неефикасна, бидејќи тоа се докажало и со техничката влада.
Тој оцени дека не би се изненадил ако никој не успее да формира влада, не ја исклучува можноста за нови парламентарни избори наесен.
Претседателот Пендаровски минатата недела најави дека мандатот за состав на идната влада ќе му го довери на оној ќе го увери дека стасал до мнозинство во Собранието.
Според Уставот, претседателот на државата е должен во рок од 10 дена од конституирањето на законодавниот дом мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и предлог состав на Владата.
На предвремените парламентрани избори што се одржаа на 15 јули, коалицијата „Можеме“ предоведна од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат.