Негувањето на македонскиот јазик не е антибугарски чин
Во изјава за „Дојче веле“, историчарот Драги Ѓориев вели дека негувањето на сопствениот јазик и култура и на сопственото чувство на идентитет и заедница, не може да бидат закана за европските вредности и не може по никоја основа да претставува антибугарски чин, или, пак, како што додава, закана за било која нација или народ.
Бурни реакции кај македонскиот народ предизвика бугарскиот меморандум за односите помеѓу Македонија и Бугарија во контекст на проширување на ЕУ, кој официјална Софија го доставила до сите земји-членки на европското семејство и бара поддршка од нив.
Посочувајќи за некаква „државна антибугарска идеологија“, Софија го повикува Скопје да раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија, кое, според Бугарија, било причина за етнички инженеринг во Македонија.
Бугарија во меморандумот оценува дека главните отворени прашања помеѓу двете земји се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања. Таму е навадено и дека Македонците се проект на Јосип Броз Тито, а македонскиот јазик не постоел до 2 август 1944 година.
„Македонскиот јазик или етничка група не постоеле до 02.08.1944 година. Нивното создавање е дел од целосната изградба на одделен небугарски идентитет чија цел била да се прекинат врските меѓу населението на тогашната Социјалистичка Република Македонија и Бугарија. Бугарскиот литературен јазик има шест регионални пишани норми (кодификации), три од нив се основаат на дијалекти и три на бугарскиот литературен јазик. Создавањето на македонскиот јазик во 1944 година во поранешна Југославија беше акт на второстепена кодификација основана врз бугарскиот литературен јазик, дополнително збогатен со форми до домашниот говорен јазик, така симулирајќи природен процес основан на дијалекти. Основите на кои е извршена кодификацијата и начинот на кој е спроведена сведочат дека официјалниот јазик кој се користи во Северна Македонија денес може да се смета само за пишана регионална норма на бугарскиот јазик“, пишува во меморандумот.
Според претседателот на македонскиот тим експерти во македонско-бугарската Комисија, Драги Ѓоргиев, ваквиот меморандум на Бугарија упатен до земјите-членки на ЕУ, во кој се негира современиот македонски јазик и идентитет, не може да биде во функција на постигнување успех на Комисијата.
Во изјава за „Дојче веле“, Ѓориев вели дека негувањето на сопствениот јазик и култура и на сопственото чувство на идентитет и заедница, не може да бидат закана за европските вредности и не може по никоја основа да претставува антибугарски чин, или, пак, како што додава, закана за било која нација или народ.
Негирањето на правото на јазик и идентитет претставува закана за европските вредности и основните човекови права.
– Негирањето на правото на јазик и идентитет претставува закана за европските вредности и основните човекови права. Нациите се резултат на долготрајни и повеќеслојни процеси и не се создаваат со одлука и волја на една институција или човек. Несомнено, бугарската национална идеја има свое место во развојот на македонската национална идеја, што резултирало со заеднички и споделени историски личности и моменти (впрочем, историјата на европските народи познава многу примери на заеднички херои). Но, тоа не и го одзема правото на македонската нација на нејзин сопствен и автохтон пат. Всушност, сите нации се социјални конструкти, а не биолошки категории – објаснува Ѓоргиев.
Во бугарскиот меморандум има забелешки и за толкувањето на концептот за „заедничка историја“.
„Претставниците на Република Северна Македонија го оспоруваат заедничкиот концепт за заедничка историја, обидувајќи се да го заменат со алтернативни поими како ‘споделена‘ или ‘испреплетена‘ историја“, се наведува во меморандумот.
Ѓоргиев посочува дека во денешно време постојат неколку концепти кои ги објаснуваат историските процеси и меѓусебните влијанија меѓу нациите и други заедници, како што се испреплетена или споделена историја, вкрстена историја.
– Синтагмата „заедничка историја“ спомната во Договорот за добрососедство, не е дефинирана во самиот Договор. Неговото разбирање и толкување не може да биде надвор од рамките на современите пристапи за проучувањето на минатото – вели претседателот на македонскиот тим во македонско-бугарската Комисија.
Тој исто така посочува дека посотјат различни читања на историјата, но дека тие не мора секогаш да водат до конфликт.