НЕГОВИТЕ МОШТИ ЌЕ ГИ ПРОНАЈДЕТЕ НАСЕКАДЕ Свети Климент Охридски и неговото наследство
Најголемиот дел од моштите на Св. Климент се чуваат во Македонија, во Плаошник, а покрај нив, во Македонија има мошти на Св. Климент во Бигорскиот манастир, во Митрополијата во Битола, во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“- Скопје, во црквата „Св. Климент Охридски“ - Скопје и во Поречкиот манастир.
На денешен ден во 916 година во Охрид се упокоил свети Климент Охридски, родоначалник на словенската литература и на црковното беседништво, прв оригинален словенски поет, говорник, преведувач, прв епископ словенски и македонски на Балканот, но и заштитник на Охрид. Роден бил токму во Охрид, околу 840 година.
Тој се смета за најпознатиот ученик на светите солунски браќа Кирил и Методиј и легитимен наследник на нивната работа. Климент го основал Словенскиот универзитет во Охрид, од каде се излезени 3500 обучени ученици. Тој смета за првиот епископ словенски, со титулата епископ Велички.
Главните извори за животот на Климент се два средновековни документа напишани на грчки јазик. Постариот од двата документа е воедно поддетален и претставува всушност житие за Климент напишано од Теофилакт, архиепископ охридски.
За Теофилактовото Пространо житие се смета дека е пишувано врз основа на содржината на исчезнатото Прво словенско житие, составено од Климентовите следбеници и ученици веднаш по неговата смрт. Треба да се има предвид дека Теофилакт извршил адаптација на неговата содржина, согласно идеолошките и црковно-политичките интереси на Византија.
Другиот пишан документ е житието на Климент од друг охридски архиепископ, Димитар Хоматијан, познато како „Краткото житие на Климент Охридски“ или т.н. „Охридска легенда“. Содржината на житието на Теофилакт подоцна, во 13 век, му послужила на Димитар Хоматијан да напише ново Кратко житие за Св. Климент. Во него, исто така се забележува адаптација и преосмислување на одредени настани како и вметнување погрешни податоци.
Најголемиот дел од моштите на Св. Климент се чуваат во Македонија, во Плаошник, а покрај нив, во Македонија има мошти на Св. Климент во Бигорскиот манастир, во Митрополијата во Битола, во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“- Скопје, во црквата „Св. Климент Охридски“ – Скопје и во Поречкиот манастир. Во црквата на Светите Седмочисленици во Софија (Бугарија), има дел од моштите со големина на нокот, а во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Пловдив има честица од моштите кои се подарок од МПЦ-ОА во 2008 година. Неговиот череп се чува во манастирот „Св. Јован Претеча“ кај Бер во Егејска Македонија. Черепот го зеле двајца монаси за време на пренесувањето на моштите на светецот од охридската црква Св. Пантелејмон, која Турците ја претвориле во џамија, во црквата Мал Св. Климент, а потоа во црквата Св. Богородица Перивлепта. Монасите веднаш ја однеле главата во манастирот во Бер, каде Св. Климент Охридски станал монах. Во 1970-тите, една честичка од моштите била однесена и во Рим.