Нефрологија преплавена со пациенти со ковид-19 на кои нагло им откажуваат бубрезите!
Од март до почетокот на септември немаше голем број на пациенти со ковид-19 и со бубрежни оштетувања. Но сега ова е тренд, вели д-р Ирена Бушлетиќ, директорка на Клиниката за нефрологија за Плусинфо.
Во последните дваесетина дена во земјава расте бројот на пациенти со ковид-19 на кои им откажуваат бубрезите и мора да бидат ставени на дијализа.
– Ова е тренд во последните дваесет и неколку дена. Од март до почетокот на септември немаше голем број на пациенти со ковид-19 и со бубрежни оштетувања. Но сега ова е тренд. Правиме анализи на што се должи оваа појава. Дали е коинциденција или ќе продолжи понатаму, засега следиме и анализираме. Повеќето случаи имаат акутно бубрежно оштетување. Кај еден дел помага дијализата, а друг дел пациенти поминуваат и без дијализа – изјави д-р Ирена Бушлетиќ, директорка на Клиниката за нефрологија за Плусинфо.
Според статистиките и искуствата на другите земји, 20-25 отсто пациенти со ковид-19 развиваат акутно бубрежно оштетување.
Кај сите пациенти на оваа клиника се прават дополнителни анализи, но и тестови за ковид-19. На Клиниката за нефрологија има посебна изолирана соба во која се сместуваат пациентите кои имаат потешкотии со бубрезите, а се суспектни на коронавирусот. Доколку кај пациентот се утврди присуство на коронавирусот и е потребна дијализа, тој во текот на денот се префрла на Инфективната клиника каде се лекува и ја прима дијализата. Тим лекари и медицински сестри од Нефрологија ги следат и ги водат овие пациенти на Инфективната клиника.
Д-р Бушлетиќ додава дека возрасната граница на овие пациенти е над 50 години, но и дека за жал, имало и починати пациенти кои имале и други коморбидитети.
– Во последните дваесетина дена на ЈЗУ Универзитетска Клиника за нефрологија е зголемен бројот на пациенти кои се примени поради влошување на состојбата со дополнително акутно влошување на бубрежната функција, пациенти без претходен третман со хемодијализа. Кај поголем број од пациентите имало потреба од акутен хемодијализен третман, а во дополнителните направени испитувања е докажано присуство на ковид 19 инфекција – потврдија за Плусинфо и од Министерството за здравство.