НЕДОВОЛНО ПАРИ КАПАТ ОД ЈУТЈУБ ВО МАКЕДОНИЈА Васко Спасоски зборува за предизвиците на естрадата

„Што значи тоа? На една рака може да се избројат ѕвездите кај нас на кои нешто им капе од платформиве. Еве, да имате некаква перцепција, со парите што ќе ги заработат од Јутјуб, ТикТок, Спотифај во рок од една година, тие може да снимат еден до два саглам спотови“, открива Васко Спасоски, музички менаџер на познатиот Влатко Лозаноски.

1,690

Несфатлив и игнорантен е односот на македонските медиуми, радија и телевизии кон домашните автори, а додека светот граби напред во (пост) дигиталната ера нашата естрада полека, но сигурно го пробива својот пат на Јутјуб, Спотифај, ТикТок … само уште да се заработуваше толку за да можат нашите ретки млади таленти пристојно да живеат од сето тоа, во замена од недостиг на концерти и фестивали …

Иако можеме да се пофалиме со артисти и изведувачи со големи преслушувања на овие платформи, тие заработуваат „ситни трошки“ во споредба со музичари преку океанот, смета Васко Спасоски. Спасоски е познат по јавноста како менаџер на познатиот пејач Влатко Лозаноски чии спотови се доста вртени по Јутјуб. Сепак, дури и на македонските мегаѕвезди не им е лесно кога станува збор за онлјан-заработката.






– Што значи тоа? На една рака може да се избројат ѕвездите кај нас на кои нешто им капе од платформиве. Еве, да имате некаква перцепција, со парите што ќе ги заработат од Јутјуб, ТикТок, Спотифај во рок од една година, тие може да снимат еден до два саглам спотови – открива Спасоски.

ПлусИнфо претходно пишуваше како и колку би чинело да се направи добар спот во Македонија. Во моментов, големите издавачки куќи се „изедени“ од мали домашни студија и агенции, кои ги промовираат овие артисти и тоа прилично успешно. Понекогаш, пост-продукцијата, па и снимањето, музичарите го прават и сами на компјутери, или со пријатели.

Добрата вест? Јутјуб и другите платформи ги креваат стандардите, па спотот кој ќе го постираат нашите артисти треба да соодветствува со она што се нуди во светот: иновативно кадрирање, скапи сценски ефекти, јака и уверлива сценографија, постмодерна приказна – елементи кои ќе го заинтригираат младиот гледач на Јутјуб кој веќе прелистал странски видеа и инстинктивно ги очекува.

 

– Следејќи ги промените, така и македонските изведувачи сè повеќе фокусот го насочуваат кон овие платформи. За разлика од светските ѕвезди, па еве и ѕвезди од соседството кои заработуваат одлични суми од овие платформи, кај нас ситуацијата е поразлична. Кај нас од овие платформи може да се заработат „ситни пари или пак трошки“ – вели Спасоски.

Во моментов Јутјуб плаќа 3 до 5 долари за 1.000 прегледи на едно видео, а ТикТок само 2 до 4 центи за истиот број посетители. Математиката ги вклучува и парите кои ќе ги вложите во платформата, дали ќе ставите реклами во вашето видео … Исто така, ТикТок е во подем и без разлика што плаќа помалку, умно би било да се инвестира во нови платформи. Спотифај плаќа 1 долар на 250 стримувања, што е слично со Јутјуб, иако Спотифај не работи со видеа.

Наизглед малку, во реалност малку повеќе, а сепак недоволно. Македонските музичари немаат избор освен да ги следат новите трендови, бил пазарот мал или не. ПлусИнфо пишуваше за нашите млади артисти Срна, Стефан Лазаров, Антониа Гиговска и многу, многу други кои добиваат коментари на Јутјуб за своите песни од луѓе од Балканот – небаре се вмрежени во заедничка сцена. Многу од слушателите не го разбираат во целост македонскиот јазик, но и те како им се допаѓа музиката која извира оттука.

– Мал пазар, малку луѓе во светов слушаат македонска музика, а овие платформи ти даваат пари во зависност од тоа колку те слушаат. Но, факт е дека и нашите изведувачи мора да ги следат овие нови трендови. Тие немаат друг избор освен нивната музика да ја презентираат преку нив, бидејќи ако чекаат на медиумите, богами ќе се изначекаат – дециден е Спасоски.

Поврзани содржини