Неделкова: Има политичка тенденција да бидам разрешена и да не пречам веќе во судството

610

Разрешената судијка од Врховниот суд, Лидија Неделкова смета дека нејзиното разрешување е тенденциозно.

– Јас случајно вчера дознав дека денеска е закажана точка на дневен ред да се разгледува предлогот од Комисијата. Оној предлог, што го сменија. Предлогот беше за запирање на постапката. Сменија Комисија, не ме повикаа, што не е законски. Комисијата донела предлог за разрешување – изјави Неделкова.






Таа нагласи дека никогаш не работела незаконски и смета оти има политички мотиви.

– Јас тоа го напишав и во кривичната пријава. Сѐ уште не сум ја добила одлуката, а јавно се објави на 8 февруари дека е отфрлена. На тоа отфрлање по закон имам право во рок од 8 дена да поднесам жалба до вишиот јавен обвинител. Значи таа постапка не е правосилна – објасни Неделкова.

Таа додаде дека денеска изутринава поднела три барања, да се одложи седницата, да присуствува на седницата заедно  со нејзиниот бранител и да дојде претставник на Здружението на судии за да се бранат нејзините интереси.

Судијката Неделкова денеска присуствуваше на седницата на Судскиот совет, по што изјави дека побарала збор, но не и било дозволено да говори.

По седницата, Неделкова изјави дека Комисијата никогаш не ја повикала да се произнесе, дека нема ништо ново и нема нови докази, а само Извештајот, како што рече, е проширен и се додадени некои „неубави зборови“ за да биде оправдан предлогот за разрешување.

– Не е ни така како што се наведува во Извештајот, бидејќи моите докази се во голем број и покажуваат дека не е така како што е напишано ни во барањето на подносителот на барањето, тогашниот претседател, ниту пак во Извештајот – рече Неделкова.

Таа тврди дека одговорно и совесно извршувала функцијата. Според неа, се работи за политичка, лична комбинација за да биде разрешена и едноставно, како што рече, веќе да не пречи во судството. Таа нагласи дека има право на жалба до Жалбениот совет на Врховниот суд, кој се формира со по еден претставник од апелационите судови со жрепка и тројца претставници судии, со жрепка, од Врховниот суд. Неделкова додаде дека во Советот мора да бидат присутни уште дваца судии од Врховниот суд, зошто таа потекнува од тој суд. Таа смета дека ако поднесе жалба таа ќе биде во нејзина корист.

Поврзани содржини