НЕДЕЛАВА ЌЕ СЕ ОБЕЗБЕДАТ 2 ЛЕКА ШТО НЕДОСТИГААТ НА ОНКОЛОГИЈА Клековски инсистира да се направи регистер на пациенти за полесно да се менаџира со лековите
Другите лекови што недостигаат ќе бидат набавувани во соодветни постапки и ќе бидат многу брзо достапни, бидејќи проблемот не е финансиски, туку организациски, рече директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски очекува неделава да се надмине недостигот на два лека на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје. Другите лекови ќе бидат набавувани во соодветни постапки и за брзо време ќе бидат достапни.
– За да се надмине проблемот, треба да се знае зошто е настанат проблемот. Да, има дефектура на пет лека во моментот. И немањето лекови е настанато делумно поради традиционални проблеми, делумно поради промени што се случуваат во од. Традиционалните проблеми – секогаш на преминот од една во друга финансиска година, се случуваат вакви проблеми. Тие досега се решавале со реверси. Бидејќи реверсот како начин на работа е противзаконски, сите директори вклучувајќи ја и Клиниката за онкологија, имаат наредба, знаат дека не треба да примаат лекови на реверси. И тој премин од една во друга финансиска година и непримањето на реверси, придонесе да настане овој проблем – појасни Клековски.
Според него, проблемот не е финансиски.
– Ние одобривме минатата година пет милиони евра повеќе. За оваа година ќе одобриме значително поголеми средства. Тука е преминот од една во друга година. Она што се работи во моментот е дека мислам дека за два од лековите со расчистување на одредена администрација, може да се обезбедат дополнителни количини. Другите ќе бидат набавувани во соодветни постапки, ќе бидат многу брзо достапни, бидејќи проблемот, повторно, не е финансиски, туку организациски. Ова е за краткорочниот проблем, а тоа е преминот од една во друга година и забраната на употреба на реверси – додаде Клековски.
Долгорочниот проблем, според него, е суптилниот проблем што не знаат за колку пациенти, колку терапија е потребна.
– Колку пациенти имаме и колку терапија ни треба? И сето ова е адхок. И ова доведе до кривични пријави што, се надевам, ќе резултираат во некаква одговорнсост. Ние мораме да воспоставиме регистар на пациенти, како што веќе има за ретки болести, како што веќе има за дијабет, каде што соодветно ќе се евидентираат пациентите и ќе се планираат количините на лекови што се неопходни. И онаму каде што нема доволно лекови за сите ќе бидат јасни и транспарентни критериумите кои пациенти ќе ја добијат таа терапија кој пациент нема да ја добие соодветната или таква терапија како што се очекува – додаде Клековски.
За денеска во ФЗО беше закажан состанок со претставници на клиниките за онкологија, хематологија, на ИЈЗ…, за евиденција и следење на пациенти.
– Сакаме да воведеме регистри на пациенти на сите подрачја каде имаме значително употреба на посебно скапи лекови. Тоа е онкологија, хематологија, на педијатрија има такви регистри и на трансфузиологија планираме да се воведе таков регистар за болни од хемофилија. Тие се неколку клиники каде имаме посебно скапа терапија каде лекувањето на еден пациент може да чини десетици илјади евра годишно и мислам дека тоа мора да биде и јасно и транспарентно и одговорно – подвлече Клековски.
Тој рече дека денеска ќе се разговара за временска рамка до кога би се вовеле такви регистри.
– Јас очекувам тие да бидат воведени до полугодието на оваа година. Не очекувам, туку и ќе инсистирам, бидејќи ние планираме значително зголемување на буџетот за 2025 година, а без јасно транспарентно и одговорно работење, тоа нема шанса. Значи не може да продолжи како што било во минатото – одговори директорот на Фондот на новинарско прашање.
Тој посочи оти сега се справувале со хаос што е направен претходно.
– Јас никогаш не се правдам со минатото, но за шест месеци не може да се среди хаосот со набавки, реверси, што е останато од минатото – додаде Клековски.
Тој додаде дека формирањето регистер не е толку комплицирано и посочи да се прашаат клиниките што прават отпор, зошто го прават тоа.
Тој беше прашан дали имаат план што ќе го достават до Владата.
– Планот е меѓу Онкологија и ФЗО. Не е проблемот во пари, организациски ќе биде надминат и јас сум сигурен во соработка со Бирото за јавни набавки ќе бидеме во состојба, кажав за два лека мислам дека неделава ќе се рачисти недостатокот, а за другите три се надевам во следните десет дена ќе имаме решение – нагласи Клековски.
Пациенти на Клиниката за радиотерапија и онкологија се пожалија дека нема биолошка терапија, односно лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“.