Недела ќе биде неработен ден за сите работници, двојна дневница за исклучоците
Недела станува неработен ден, ден на неделен одмор. Ја продолжуваме поддршката и грижата на работниците, а во фокусот на нашето внимание беше значењето на рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција.
На денешната владина седница го утврдивме текстот за измените и дополнувањата на законите за работни односи и за трговски друштва, па денот недела се прогласува за ден за неделен одмор. Овие законски измени ќе бидат испратени на усвојување во Собранието, а примената на оваа одлука ќе започне на 1 октомври, истакна премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција.
– Недела станува неработен ден, ден на неделен одмор. Ја продолжуваме поддршката и грижата на работниците, а во фокусот на нашето внимание беше значењето на рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот. Оваа рамнотежа придонесува работниците да бидат поефикасни и мотивирани на работното место, а и да имаат приватен живот, семеен и социјален. Оваа грижа за благосостојбата за мотивацијата на работниците е вградена во предложените законски решенија. Посебна грижа во дизајнирањето на законот е вложена кај работниците во секторите кај кои не е можен прекин на техничко-технолошкиот процес. На овие работници освен што ќе им следува плата за работа во недела, ќе им се обезбеди и слободен ден во текот на неделата – рече премиерот.
Тој додаде дека за непочитување на овие одредби се предвидени високи казни.
– Освен здравјето на луѓето, пандемијата загрози илјадници работни места. На прво место се работниците, обезбедивме поддршка да се зачуваат илјадници работни места. Работните места на прво место беше главната цел, и задоволен сум што за оваа цел немавме противници. Имаме најнизок праг на невработеност – 16 проценти. Докажавме дека работниците се движечката сила на економијата и покрај ударот од пандемијата, платите ќе продолжат да растат – рече Заев.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, истакна дека денот недела ќе биде неработен ден за сите работници, освен за одредени исклучоци за кои ќе биде дозволено работењето во недела и на празници.
– Во недела ќе можат да работат продавници за продажба на сладолед, колачи, апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност. Продавниците на бензиските станици, продавниците во трговските центри ќе можат да работат само една смена, а истото важи за продавниците за трговија на мало со храна, пијалаци и тутун, како и за зелените пазари. Со овој закон е предвидено додатокот на плата за работа да изнесува 100 проценти за секој час поминат на работа во недела и за празници. Исто така, за трговските субјекти кои ќе работат во недела се утврдува надоместок од 2 отсто од вкупниот приход остварен минатата година во недела и на празници, а тие средства ќе се инвестираат во детски градинки – рече Бектеши.