📽️ 📷 НЕБОТО СЕ ОТВОРИ НАД ДУБАИ, ГРАДОТ Е ПОД ВОДА Апокалиптични сцени од бисерот на Емиратите

Силна бура со пороен дожд и грмотевици предизвика поплави и сообраќаен хаос, додека властите предупредуваат дека невремето ќе продолжи.

0

Страшна бура, проследена со силен дожд и грмотевици вчера го погоди Дубаи. Силната бура во Емиратите предизвика голема материјална штета, а бројни улици беа целосно под вода.

Според локалните медиуми, бурата во Дубаи донесе поплави во некои области, прекини во сообраќајот и доцнења во јавниот превоз.






Времето нема да биде ништо подобро ниту денес, поради што предупредувањето на Националниот центар за метеорологија останува на сила, со најава дека се очекуваат силен дожд и ветрови, како и облаци од прашина.

Иако сцените од улиците во четвртокот изгледаа апокалиптични, жителите и туристите сепак имаа уникатен поглед на хоризонтот на Дубаи за време на бурата, со драматични слики од громови што ги поплавија социјалните мрежи.

 

Знаменитостите како што се Бурџ Калифа, Бурџ Ал Араб, Атлантис, Палм и Часовната кула Деира беа фотографирани наспроти морничаво темно небо, со удари од громови.

Медиумската канцеларија на Дубаи објави неколку од најпознатите обележја на градот на своите официјални канали на социјалните медиуми.

Во меѓувреме, жителите на Дубаи и туристите беа повикани да ги следат советите за безбедност за време на бурата. Властите ги повикаа луѓето да се држат подалеку од долините, областите склони кон поплави и местата каде што може да се акумулира дождовница.

„Држете се подалеку од планинските области. Избегнувајте одење на море. Бидете внимателни додека возите и намалете ја брзината. Следете ги официјалните канали и владините органи за точни информации и навремени ажурирања“, се вели, меѓу другото, во предупредувањата на властите.

Поврзани содржини