📽️ НЕБОТО НАД ТЕХЕРАН ПОЦРНЕ ПО НАПАДИТЕ Властите предупредија на отровен кисел дожд
По ракетните напади врз пет нафтени постројки околу иранската престолнина, Техеран се разбуди под густ црн чад. Властите предупредија граѓаните да не излегуваат поради опасност од „токсичен дожд“.
Апокалиптични сцени се појавија над Техеран откако израелски ракети погодија повеќе нафтени постројки околу иранската престолнина. Густ црн чад го покри градот, а властите предупредија на опасност од „токсичен дожд“.
Речиси десет милиони жители на Техеран се разбудиле под густ црн чад, а извештаите од терен наведуваат дека дождовницата е измешана со нафта и саѓи.
Во серијата напади биле погодени најмалку пет рафинерии и складишта за нафта во Техеран и во покраината Алборз. Според локалните извештаи, загинале најмалку четири лица, а повеќе се повредени.
„Можно е да врне токсичен дожд кој може да предизвика хемиски изгореници на кожата и оштетување на белите дробови“, ги предупреди жителите Иранската Црвена полумесечина.
Во соопштението се вели граѓаните на Техеран да не ги напуштаат домовите.
NEW: Apocalyptic scenes in Tehran as thick black smoke from oil depot strikes hides the sunrise
— Insider Paper (@TheInsiderPaper) March 8, 2026
Граѓаните се повикани веднаш да побараат засолниште под бетонски или метални покриви ако се најдат на отворено. Секој што бил изложен на дождот треба веднаш да ја исплакне кожата со ладна проточна вода и да ја смени облеката.
Професорот од Универзитетот во Техеран, Фуад Изади, изјави дека околу пладне локално време небото над градот изгледало како ноќ поради густите облаци чад.
На видеа објавени на социјалните мрежи се гледаат огромни пожари во нафтените постројки и густи црни облаци над градот.
Според сведоштва на жители, нафта од погодените постројки протекла во дел од канализацискиот систем, по кој течеле „реки од оган“.