Не знам што се чека?
Овој „величествен“ настан за главниот град и за државата може, понатаму, во некое догледно време, да се прогласи и за државен празник зашто пренесува и неколку други значајни пораки. Меѓу нив и таа дека во Скопје, па и во целата држава, секој може да прави што и како сака – ако тоа го прави ноќе, се разбира! – па дури непречено да поставува и споменици.
Ако навистина ние мислиме дека на овој начин, како што вели „градоначалничката“ и некакво полуписмено мнозинство во Советот на Град Скопје, „со поставувањето на спомен обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето, оддаваме признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија“, тогаш не знам зошто тој ист Совет не изгласа и промена на грбот на Скопје во истиот дух: наместо досегашниот Камен мост како доминантно обележје на градот, на грбот да стои споменикот на Ќосето?
Или нека го качат на мостот, зошто да не, повторно ќе си биде онака „велелепен“, со камата, пиштолот и со пушката, нели?
Ако пак тој е навистина така и толку важен за Скопје, ако тој сериозно е „познат по својата борбеност и непокор“ и „е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание“, тогаш не знам што се чека и од страна на Владата и Собранието и за промената на грбот на државата? Да, знам дека тука ќе има мал отпор од пратениците од Вреди и од ДУИ, но зарем тие во нивната историја не би можеле да најдат некој сличен лик, па двајцата, еден до друг, да стојат на државниот грб?
Но, ако навистина улогата на Ќосето во „револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава“, што тогаш бара оној Карев пред Собранието? Со онаа негова огромна рака небаре мечкина шепа и уште поголема глава, па згора качен и на коњ? Зошто вистинскиот великан да стои таму некаде кај некаков шестокласен хотел и да го болат нозете, а овој да одмора на коњ пред врвната законодавна институција на државата? И зошто би било важно што Ќосето спроведувал „закони“ со кама (претежно) и пиштол (поретко), а ова Собрание наводно спроведува закони на хартија?
Па дури, ќе се осмелам да речам: зошто неговата големина да не го краси и знамето на државата, сместен во самиот центар на македонското сонце? Не вреди ли и за тоа да се размисли или од онаа и онаква „градоначалничка“ и онаков Совет на Скопје да произлезе соодветен предлог за сите овие измени? Ако пак некој се снебива што Бугарите си го присвојуваат и го нарекуваат „бугарски револуционер“, зарем тој е единствен? Па нели еден локален „професор“ изјавуваше дека и Делчев е Бугарин?
Оттука, сметам дека не треба да се чека ни со осуда – вербална, но и друга – на целата онаа низа македонски историчари кои ја искривуваа(т) македонската историја, криеја вакви луѓе-симболи на ова парче земја и „од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава“. Зашто, да не биле тие, нивната кама и пиштол, којзнае и понатаму во какво ропство ќе бевме? Затоа, претпоставувам, овој „великан“ сега е сместен во контакт-зоната на некојси Апостолски, кого токму оние фалш историчари го воспеваат како еден од заслужните за оваа држава и нејзината неависност? Или тој некојси Апостолски, како командант на партизанските единици на НОВ ја ослободил државава токму од Бугарите, па затоа и не е баш така заслужен? Можеби тоа му е животна грешка?
Пресудувајќи им на ваквите историчари, не знам што се чека и историјата да се префрли во директна надлежност на онакви ликови како „градоначалничката“, Советот на град Скопје и слични? Сигурен сум дека нивната историја, како и онаа на оној пазарџијана и неговата номенклатура „професори“, ќе нѐ однесат директно во толку посакуваната еу. А Ќосето, во сета негова големина и значење за земјава, ќе ги пречекува на самиот влез во Скопје како симбол на градот, но и на државата, нели?
Но, овој „величествен“ настан за главниот град и за државата може, понатаму, во некое догледно време, да се прогласи и за државен празник зашто пренесува и неколку други значајни пораки. Меѓу нив и таа дека во Скопје, па и во целата држава, секој може да прави што и како сака – ако тоа го прави ноќе, се разбира! – па дури непречено да поставува и споменици. Па добро, ќе рече некој, поставување споменик баш и не е некој криминал како да ограбиш банка, на пример, или да подметнеш пожар. Без оглед што дотичниот споменик е – дивоградба, онаква иста како и сите оние против кои истата „градоначалничка“ поднесуваше кривични пријави. И против кои сега, наводно, Јавното обвинителство ќе отвори постапка!
Ќе отвори ли и против оваа дивоградба? Не знаеме. Но можеби оваа, бидејќи е повторено дело, не се смета за дивоградба? А и не ја подигнал градоначалникот на Чаир, нели, или на Сарај?
Од друга страна, не знам зошто овој „величествен“ настан за градот не беше уприличен два дена порано, на годишнината од земјотресот. Настанот одлично го симболизира „новото Скопје“ – оваа денешна провинциска изложба на кич, невкус, нечистотија, грдотија, самоволие и криминал, политикантство и неспособност…, слика и лика на целата осакатена од некадарници држава!
Извор: Теодосиевски уметност