НЕ ЗНАЕВ ЗА НАПАДОТ, ИЗРАЕЛ УДРИ ПОРАДИ ГНЕВ Трамп и Нетанјаху со различни приказни за нападот врз Јужен Парс

Израел удри врз најголемото иранско гасно поле Јужен Парс. Шефот на САД тврди дека не знаел за операцијата, додека Тел Авив вели дека нападот бил координиран. Часови по нападот Иран ги ракетираше најголемите постројки за природен гас во Катар. Трамп подоцна се закани доколку Катар биде пак нападнат, Јужен Парс ќе биде срамнет со земја.

2

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД не знаеле за израелскиот напад врз иранското гасно поле Јужен Парс. Израелски претставници, пак, тврдат дека операцијата била координирана со Вашингтон, што отвори нов дипломатски спор среде ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.

Израелските воздухопловни сили извршија напад врз објект за преработка на природен гас во југозападен Иран. Целта беше гасното поле Јужен Парс, најголемото гасно поле во светот и клучен столб на иранската економија.






Тоа е првпат Израел директно да таргетира иранска гасна инфраструктура од такво значење. Израелски извори за порталот Аксиос изјавија дека операцијата била координирана со Белата куќа.

Иран возврати со удари во Катар

Часови по нападот, Иран изврши два ракетни напади врз индустрискиот град Рас Лафан во Катар. Во градот се наоѓаат едни од најголемите постројки за течен природен гас во светот.

Компанијата „QatarEnergy“ пријави значителна материјална штета, но без човечки жртви.

Катар бара одговор од Вашингтон

По првиот напад, властите на Катар побарале објаснување од САД. Тие стапиле во контакт со американскиот претставник Стив Виткоф, со Централната команда на САД и со други високи функционери.

Целта била да се утврди дали Вашингтон однапред знаел за израелската операција. Според извори, Виткоф потоа организирал разговори за итна средба меѓу Трамп и катарскиот емир.

„Израел нападна поради гнев“

Околу еден час по вториот ирански напад, Трамп објави порака на платформата Truth Social. Тој напиша дека Израел реагирал од гнев поради настаните на Блискиот Исток.

„Соединетите Американски Држави немаа никакво знаење за тој конкретен напад“, објави Трамп.

Но, израелски претставници за Аксиос тврдат дека тоа не е точно. Според нив, премиерот Бенјамин Нетанјаху ја координирал операцијата со американскиот претседател.

„Ако го нападнат Катар, ќе го уништиме гасното поле“ 

Трамп во истата порака предупреди дека ситуацијата може дополнително да ескалира. Тој рече дека Израел нема повторно да го напаѓа полето Јужен Парс освен ако Иран повторно го нападне Катар.

„Ако Иран повторно го нападне Катар, Соединетите Држави, со или без Израел, ќе одговорат силно и ќе го уништат целото гасно поле Јужен Парс“, напиша Трамп.

Тој додаде дека не сака да презема чекори што би имале долгорочни последици за иднината на Иран.

Но, нагласи дека САД нема да се двоумат ако гасната инфраструктура на Катар повторно биде нападната.

Поврзани содржини