📽 НЕЈЗИНИОТ ОЧАЕН ПОВИК ГО СЛУШНА ЦЕЛИОТ СВЕТ Девојчето од Газа што молеше за помош најдено мртво
Израелските сили ги убиле и болничарите од Црвената полумесечина што дошле да го спасат 6-годишното девојче кое бараше помош.
Шестгодишното девојче кое исчезна во градот Газа минатиот месец е пронајдено мртво, заедно со неколку нејзини роднини и двајца болничари кои се обиделе да ја спасат, пишува Би-би-си. На 29 јануари, Хинд Раџаб побегнала од градот во автомобил заедно со нејзината тетка, вујко и тројца братучеди.
Меѓутоа, автомобилот налетал на израелски тенкови и бил цел на напад. Се верувало дека девојчето е единствената преживеана од седумте патници кои биле во возилото. Аудио снимките од повиците меѓу девојчето и службите за итни случаи сугерираат дека таа се криела од израелските сили меѓу телата на нејзините роднини.
– Хинд постојано нѐ молеше да дојдеме да ја земеме, да испратиме некој да ја земе. Велеше дека се стемнува – рече Рана ал-Факех, работничка на Црвената полумесечина која последен пат била во контакт со Хинд.
Хинд останала на линијата три часа разговарајќи со Рана и со психологот, кој се обидел да ја смири додека се подготвувале да испратат брза помош.
– Велеше дека сите околу неа се мртви или спијат, беше крајно исплашена, ме молеше да не ја прекинувам линијата – потресено Рана.
„Многу се плашам, те молам дојди“, биле последните зборови на шестгодишното девојче.
Молбите на Хинд некој да ја спаси завршија кога телефонската линија беше прекината поради по силните пукотници. Болничарите од палестинската Црвена полумесечина денеска успеале да стигнат до областа која претходно беше затворена како активна борбена зона.
Тие го пронашле црниот автомобил „киа“ во кој патувало девојчето со своите роднини. Ветробранското стакло и контролната табла биле искршени на парчиња, а на неколку места биле видливи дупки од куршуми. Болничарот рекол дека во возилото имало шест тела.
На неколку метри подалеку имало остатоци од друго возило, кое било целосно опожарено. Црвената полумесечина тврди дека всушност се работи за брза помош испратена да ја земе Хинд. Тие додаваат дека болничарите – Јусуф ал-Зеино и Ахмед ал-Мадхун – биле убиени кога израелските сили го погодиле во нивното возило.
Во соопштението директно ги обвинуваат Израелците дека намерно го гаѓале возилото штом пристигнало на местото на настанот.
„Израелските окупатори намерно ја гаѓаа екипата на Црвената полумесечина и покрај претходна координација што дозволи брза помош да пристигне на местото на настанот за да го спаси детето“ – истакнуваат од Цревната полумесечина.
Тие забележуваат дека биле потребни неколку часа за да се координира пристапот со израелската армија за да испратат болничари да го земат девојчето.
– Добивме зелено светло. По пристигнувањето, екипажот потврди дека го видел автомобилот во кој била заробена Хинд. Последното нешто што слушнавме беше непрекинато пукање – вели Нибал Фарсах, портпаролка на Црвената полумесечина.
Аудио снимките од разговорите на девојчето со операторите, јавно споделени од Црвената полумесечина, го поттикнаа притисокот на јавноста да се открие што и се случило. Мајката на малата Хинд, пред да биде пронајдено телото, изјавила дека ја чека ќерка си „секој момент, секоја секунда“. Таа ја повика Црвената полумесечина да објави детали за нејзината координација со израелската војска.
Би-би-си двапати побара од војската детали за операциите во областа во тој ден, како и за исчезнувањето на Хинд и на амбулатните возила испратени да ја спасат. Но, добиле одговор дека сè се проверува.
Правилата за војна велат дека медицинскиот персонал мора да биде заштитен и да не биде цел на конфликт, а на повредените мора да им се пружи медицинската помош што им е потребна – во најголема мера практична и со најмало можно одложување. Израел претходно го обвини Хамас дека користи амбулантни возила за транспорт на оружје и борци.