„НЕ“ ЗА ПРОМЕНА НА РЕЖИМОТ ВО ИРАН Трамп не сака да ризикува, може да завладее хаос
Иако ја исклучи опцијата за директна интервенција, Трамп ја потврди тврдата позиција на Вашингтон во однос на иранската нуклеарна програма, велејќи дека САД нема да дозволат Техеран да дојде до нуклеарно оружје.
На пат кон Самитот на НАТО во Хаг, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД немаат интерес за промена на режимот во Иран, истакнувајќи дека таквиот потег би можел да доведе до нестабилност и нова криза на Блискиот Исток.
– Не сакаме промена на режимот. Тоа би довело до хаос – а тоа е последното што ѝ треба на светската сцена во овој момент – изјави Трамп пред новинарите, додека патуваше со претседателскиот авион „Ер Форс Уан“ кон Холандија.
Иако ја исклучи опцијата за директна интервенција, Трамп ја потврди тврдата позиција на Вашингтон во однос на иранската нуклеарна програма, велејќи дека САД нема да дозволат Техеран да дојде до нуклеарно оружје.
– Иран никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје и тоа е јасна црвена линија – нагласи Трамп.
Според него, ситуацијата би можела да се деескалира преку дипломатски канали. Тој откри дека неодамна добил повик од рускиот претседател Владимир Путин, кој му понудил помош за решавање на иранското прашање. Детали од разговорот не беа соопштени.
Во меѓувреме, високиот претставник за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, преку социјалната мрежа „Икс“ ги повика двете страни, Израел и Иран, да го почитуваат прекинот на огнот и да се вратат на преговарачката маса за нуклеарната програма.
– Сега е моментот за дипломатија, не за конфронтации. Прекинот на огнот мора да се почитува, а разговорите да продолжат без одлагање – објави Калас.
Самитот на НАТО во Хаг, кој започнува утре, се очекува да биде фокусиран на глобалната безбедност, со посебен акцент на Блискиот Исток и растечките тензии меѓу Техеран и Западот.