НЕ ВРЗУВААТ КРАЈ СО КРАЈ, ПА МОРААТ ДА ПОЗАЈМАТ Младите во Германија барале финансиска помош од блиските за храна и облека
Истражување на „Барклис“ покажува дека повеќе од половина од возрасните под 50 години во Германија позајмиле пари во последните две години, главно за основни потреби и покривање на секојдневни трошоци.
Според истражување спроведено на барање на британската банка „Барклис“, многу Германци се принудени да позајмуваат пари за да ги покријат секојдневните трошоци, пренесе ДПА.
– Повеќе од половина од возрасните под 50 години рекле дека во последните две години позајмиле пари, најчесто од семејството, а некои и од банки. Ова покажува дека многу домаќинства се соочуваат со финансиски притисоци и мора да бараат дополнителни извори за покривање на основните трошоци – изјави портпаролот на „Барклис“.
Според истражувањето, 44 отсто од испитаниците се обратиле до семејството за заем, додека 40 отсто се обратиле до банки. Најчести причини за позајмување биле трошоците поврзани со автомобили (27 отсто), храна (26 отсто) и општа потрошувачка, вклучувајќи облека (21,4 проценти). Околу 18 отсто од испитаниците позајмиле пари „за да се почестат“.
Помладите возрасни лица се најчести корисници на заеми. Над 60 отсто од испитаниците на возраст од 18 до 29 години рекле дека земале заем, а над една третина од нив навеле дека парите биле за основни трошоци. Во групата од 30 до 39 години, 31,6 отсто од испитаниците навеле дека главната причина за заем е покривањето на секојдневните потреби.
Речиси половина од оние што земале заем позајмиле помалку од 1.000 евра, додека една четвртина земале суми од над 1.000 до 5.000 евра. Генерално, речиси секој трет Германец (31,9 отсто) очекува дека ќе треба да позајми пари во следните две години.
Истражувањето опфатило повеќе од 10.000 возрасни лица од цела Германија и било спроведено во јули и август.
– Резултатите покажуваат дека финансиската стабилност на многу семејства е ранлива, а младите се најпогодени. Потребни се системски решенија за поддршка и финансиска едукација за да се намалат овие притисоци – додаде портпаролот.