Не врват патриотическата реторика и муртинските марифетлуци на Зоран Заев
Не наседнувајте на манипулациите на Заев. Нашиот идентитет е безвреден без неговата етногенеза, а нашиот јазик реално не постои ако ја прифатиме лагата дека е дијалект на бугарскиот јазик, „осамостоен“ со политички декрет.
Не му верувам на Зоран Заев кога вели дека за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет нема да се разговара и да се преговара. Неговата „европска турнеја“ е бесполезна, таа е само дел од преткампањата на СДСМ во пресрет на локалните избори. Уште еден комичен обид на Заев да одглуми „патриот“.
Мислам дека изјавата на Заев што немало да „даде” е евтин спин, мал вовед во она што тој, всушност, е спремен да го даде. Нашата историја и нашата етногенеза ќе ги понуди на преговарачката маса. Веќе се понудени. Таму ќе се бара компромисот што ќе го заговара владата на СДСМ.
А лагата ќе биде – ете, ги сочувавме јазикот и идентитетот, што сакате повеќе од тоа?
На неговата нова патриотическа реторика („не ги даваме јазикот и идентитот“), Заев веќе доби подготвен одговор од Софија – не ви ги ни бараме! И не ги бараат, верно е така. Од нас се очекува само една „ситница“, да се убедиме и да признаеме дека македонскиот јазик и македонската нација се создадени во 1945 година. Вештачки, обаче.
Не наседнувајте на манипулациите на Заев. Нашиот идентитет е безвреден без неговата етногенеза, а нашиот јазик реално не постои ако ја прифатиме лагата дека е дијалект на бугарскиот јазик, „осамостоен“ со политички декрет.
И не заборавајте дека и Заев и Владо Бучковски, во своите контроверзни интервјуа за бугарските медиуми, делумно се согласија со овие тези, со кои отворено се негира македонската самобитност.
Поради тоа, Заев, иако е премиер чија позиција сè уште не е формално оспорена, нема кредибилитет да разговара и да преговара за спорот со Бугарија. Дотолку повеќе што било какво компромисно решение меѓу Скопје и Софија мора да добие консензуална поддршка од водечките политички сили во Македонија.
Поинаку кажано, Заев со европските лидери разговара и преговара во лично име. Острите тонови во Брисел, каде што доби јасна и директна порака дека нема ништо од преговори со ЕУ без договор со Бугарија, покажуваат дека и челните луѓе на Унијата веќе немаат доверба во својот некогашен миленик и несуден Нобеловец.
Не знам што ќе биде оваа работа со Заев и што сè наумил. И не ме интересира. Поважно прашање е како да го надминеме длабокиот јаз во односите со нашиот источен сосед. За тоа ни е потребен нов пристап, кој подразбира нов формат на разговорите, нов преговарачки тим и нова позитивна енергија во процесот.
Заев и заевци, со својата површност, неодговорност и лекомисленост, тоа не можат да го обезбедат. Тие се дел од проблемот, но сигурно веќе не се дел од решението. Штом и самите почнаа да ломотат „не ни треба ЕУ по секоја цена“, јасно е дека нивната паланечка трговија доживеала целосен крах. Во Брисел муртинските марифетлуци очигледно не врват.
Нов „пик“ во процесот може да очекуваме дури по стабилизирањето на политичката ситуација во Бугарија и по изборите во Македонија. Во меѓувреме, да се потрудиме барем да не го продлабочуваме јазот на недовербата.