НЕ ВЕРУВАЈТЕ НА ЛАЖНИ ВЕСТИ! Од Град Скопје го негираат долгот, а вината ја префрлаат на „Слобода превоз“
Приватниот превозник „Слобода Превоз" има обврска да ги почитува договорените обврски од јавен интерес, велат од Град Скопје.
Апелираме до граѓаните да не веруваат на лажните вести и манипулациите кои во јавноста ги пласираат разни политички групации, соопштија од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека автобуси на ЈСП Скопје на линиите 9, 12, 22, 23 и 45 сообраќаат редовно и без задоцнување.
– Приватниот превозник „Слобода Превоз” има обврска да ги почитува договорените обврски од јавен интерес. Во последниот месец се оценува квалитетот на работењето на приватнитте превозници согласно индикаторите за квалитет на работењето (редовност, хигиена, валидација на билети) поради се почестите поплаки на граѓаните за квалитетот на превозот од страна на приватните превозници – стои во соопштението од Градот.
Автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз”, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, денеска нема да сообраќаат поради немање пари за нафта затоа што ЈСП „Скопје” односно Град Скопје не го исплатил долгот кон компанијата.
„Со крајни напори ќе се обезбеди редовен превоз на линиите: 11, 11а, 47, 55, 61, 63 и 73, кои како приградски линии делумно се финансираат и од општините кои не се во состав на Град Скопје, за да не се случи поради неизвршување на тој превоз да имаат причина да престанат да ги уплаќаат средствата во ЈСП“, соопшти „Слобода превоз”.
Пред еден месец автобусите на ЈСП „Скопје” не возеа еден ден кога вработените стапија во колективен штрајк зашто немаа земено плата. Потоа, поради долг кој не можеше да го наплати од ЈСП односно од Град Скопје, престанаа да сообраќаат автобусите на приватниот превозник „Макекспрес”, а од Град Скопје и ЈСП го раскинаа договорот со „Макекспрес“ со образложение дека приватниот превозник не ги почитувал обврските.