НЕ ТРЕБА МЕМОРАНДУМ ЗА НАПАДИ КОН ЛЕВИЦА, ТУКУ МЕМОРАНДУМ ЗА ВЛЕЗ НА БУГАРИТЕ ВО УСТАВОТ Апасиев ги кажа петте услови под кои ќе коалицира по изборите
Кандидатката за претседателка на државата Билјана Ванковска рече дека таа и Левица се обидуваат да го вратат достоинството, да ја зборуваат вистината и да ги менуваат нештата.
Македонската платформа која ја нуди Левица за да може да коалицира со некоја од партиите по изборите има пет точки: унитарност на државата, нема преговори за дводомен парламент, нема преговари за конститутивните елементи на нацијата, враќање на територијалната поделба и враќање на инсигниите на државата, знамето и грбот да бидат на цела територија на државата, рече лидерот на Левица, Димитар Апасиев на завршниот митинг на кандидатката за претседател Билјана Ванковска.
Апасиев рече дека Левица е последна надеж на Македонците.
-Тоа е истовремено и еден голем товар. Во единицата очекуваме најмалку тројца пратеници, а на наредни избори двоцифрен број само од кецот. Привршува кампања во која бевме изложени на нефер услови, на бојкот. Но, ние левичарите не сме патетични. Можам да кажам дека Левица ќе изненади – рече Апасиев.
Тој му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека не треба мораториум на нападите на Левица туку мораториум за влез на Бугари во Устав, мораториум за амнестија и измени на кривичен законик со европско знаменце, мораториум за воведување на двојазичност, мораториум за хациендите…
Во својот говор рече дека тачевизмот е последниот стадиум на груевизмот и дека после Левица ќе нема место за СДСМ во левиот политички спектар.
За СДСМ рече дека тие се одродени квазиинтелектуалци обучени на семинарите на Сорос. Тие го немаат народниот дух, за разлика од Левица која во себе го има народниот дух.За ВМРО рече дека до толку многу паднале што дошле на степен да кинат плакати на Левица.
Направи и споредба на фолклорот на десницата и левицата и истакна дека фолклорот на десницата е лелекање и кукање, а фолклорот на левицата црвени знамиења и борба.
Ванковска рече дека таа и Левица се обидуваат да го вратат достоинството, да ја зборуваат вистината и да ги менуваат нештата.
-Имате среќа што јас немам логореа и нема да ве удавам со предавања. Речиси и да нема што не сум кажала. Се за што се залагам го апсорбиравме на почетокот. Ако моите противкандидати не беа кукавици до самиот крај да бегаат од дебати можеби и ќе имаше дебата – рече Ванковска.
Таа говореше и за дебатата со нејзините противкандидати и истакна дека она што е наречено дебата всушност не било претседателска дебата.
-Се обидов да го обелам образот и вас и себе си. Јас немам програми за млади затоа што младите мене ме направија претседателски кандидат. Најмладата популација ми собра потписи, оние што сакаат да останат овде. Роните солзи над младите, јас ги собрав околу мене и сите сме во борба – рече Ванковска.
Во своето обраќање објасни дека нејзините противкандидати на дебатата не дале јасни одговори или воопшто не дале одговори за односот кон ЕУ, НАТО, а особено за договорот со Бугарите и нивно впишување во Уставот.