НЕ ТРЕБА ДА НИ КАЖУВА ДРУГ, ЗНАЕМЕ ДЕКА СМЕ ПОТОНАТИ ВО КРИМИНАЛ Мицкоски за ставањето на Мерко на црната листа на САД
Гледате неколку фамилии во Македонија кои се дел од највисоките раководства на политичките партии од власт. Стекнуваат милионски имот, такви се примерите, кои последниве месеци ги гледаме и сведочиме за нив. Последниот случај со деловниот центар Соравија, претходно дуќани, хотели во центарот на Скопје - рече Мицкоски.
Нам не ни треба некој друг да ни кажува дека има криминал во Република Македонија, тоа го чувствува секој еден граѓанин, кога ќе го прашате ќе ви кажат дека за жал Македонија е најкриминалната држава, држава во која владеат кланови – изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во врска со ставањето на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко на црната листа на САД, како и за можноста за нејзино проширување.
Тој истакна дека на таа листа е ставен градоначалник, кој е дел од највисокото раководство на политичката партија Демократска унија за интеграција, поради тоа што имаат докази дека има голем криминал позади него, но и дека влијаел во судството и носењето судски одлуки.
– Гледате неколку фамилии во Македонија кои се дел од највисоките раководства на политичките партии од власт. Стекнуваат милионски имот, такви се примерите, кои последниве месеци ги гледаме и сведочиме за нив. Последниот случај со деловниот центар Соравија, претходно дуќани, хотели во центарот на Скопје – рече Мицкоски за време на посета на Гази Баба.
Според лидерот на опозицијата, единствен што го брани Мерко е премиерот Димитар Ковачевски.
– Единствен што го брани Мерко е Димитар Ковачевски, дури и самата ДУИ молчи и затоа ќе сумирам, сè додека оваа мафија не ја исчистиме од корен, на Македонија нема да и тргне, нема да тргне напред и нема да има надеж и ќе продолжи да се празни – рече Мицкоски.
Во однос на случувањата во Судскиот совет, Мицкоски рече дека во земјава судиите и обвинителите се поставуваат по партиска препорака, односно од неколкумина од партиите.
– Се знае кој е задолжен во СДС, а кој кај ДУИ. Можам на ливче да ви ги напишам именувањата на оние кои во иднина ќе бидат обвинители и судии, од прв до последен и да ви кажам кој ја дава препораката за нив – рече Мицкоски.