Во ова денешно напорно темпо на живот речиси и да не постои човек, кој барем еднаш во неделата не посакал денот да трае повеќе од 24 часа, или работната недела да не заврши во четврток. Зошто? За да може да стигне навреме да ги заврши сите работни обврски, чиј список од ден во ден сѐ повеќе се зголемува, и истовремено да може да најде некое слободно време, кое ќе може да го посвети исклучиво на семејството. Ова жонглирачко балансирање кое знае да биде бескрајно исцрпувачко на крајот од денот, не ни остава ништо друго освен да го испишеме новиот список со обврски за наредниот ден, во кој меѓу првите точки се наоѓаат оние нереализираните од претходниот. И така секој ден. Во магичен круг, во кој барем десет пати во денот си велиме „добро ќе ми дојдеше една недела дома“.
И сега одеднаш две и повеќе. Комплетно непланирани, ниту пак побарани од работодавачот. Дома. Во кругот на семејството и само со него. Нема ни кафе со соседите. Одлична прилика за зближување со најмилите. Прилика за раговор на теми за кои никогаш немало време. Прилика за меѓусебно запознавање со оние кои се сретнуваш изутрина додека појадувате, или се расправате меѓусебно за тоа кој прв ќе го искористи тоалетот. Сега за прв пат забележуваш нечии туѓи навики. Во утринското кафе не требало да има млеко!? Крофните треба да бидат со чоколаден прелив, а не со шеќер во прав. Просторот во ходникот служел за вежбање, а терасата исклучиво за да оставиш сѐ што не можеш да внесеш дома.
Можеби ќе беше подобро само една недела дома? Само за да се одмориш. Е тука веќе нема избор. Изолацијата што ја добивме како резултат на корона вирусот, не ни остави простор за избирање. Изолацијата е морална. Таа е дел од правилата за заштита и мора да се почитува. Не звучи страшно. Но, ако се погледнат статусите на социјалните мрежи, за некои луѓе очигледно е дека е пострашна и од самиот вирус. Неможноста да се оди во кафеана, на кафе или во теретана е речиси еднаква на смртна казна. Главниот слоган „Седи дома“ се доживува како „Издржи ги домашниве уште малку“.
Запознавањето на луѓето со кои живееш се покажа како исклучително напорно. Еднакво исто како и броењето колку макарони има во едно пакување, колку бадеми има во една чоколада „милка“ или колку гумени мечиња има во едно пакување бомбони. И тогаш сфаќаш дека всушност ти прв си прочитал дека во Охриското Езеро е забележан делфин. Но, ѓаволот ја однел шегата.
Овие „истражувања“ покажаа дека ние не знаеме да функционираме во изолација. Не знаеме што со себе. Навикнати сме да зависиме од нечие туѓо внимание или обврска. Навикнати сме денот да го минеме надвор од дома. Просто во главата ни е врежано дека дома треба да бидеме по 17 часот. Не се работи само за осум или повеќечасовното работно време. Не се работи само за обврските што ги имаме секојдневно на нашите работни места и надвор од нив. Се работи за нашите навики од кои секојдневно се жалиме, но никако не сакаме да ги напуштиме. Нетрпението што го покажуваме седејќи дома, покажува дека ние всушност мазохистички уживаме да заглавуваме на работа и да минеме ден со полна работна агенда. Ако не е така зошто секојдневно па дури и на шега се бројат деновите минати во изолација? Зошто проклето ни е досадно дома каде не треба ама баш ништо да правиме, освен да останеме дома?
Оваа изолација се надевам дека ќе ни го даде потребниот простор за самопреиспитување. За конечно поставување или исправување на нашите критериуми за животот. За вредносниот систем кој очигледно сите ние сме го изгубиле. Ќе нѐ натера да престанеме лажно да креираме сочувство, лесно да изговараме зборови и ветувања, кои никогаш не можеме да ги исполниме. Ќе ја разбуди, ама вистински, хуманоста во сите нас. За Дебар, за цела Македонија. И тоа нема да трае како секогаш, колку што трае кризата. Ќе нѐ натера да отвориме еден поинаков пат, бидејќи само низ него ќе започнеме да разликуваме важни од неважни работи. Ќе престанеме да мантраме „Во гужва сум, ќе те барам подоцна“, бидејќи подоцна ќе биде доцна.
Ова време на изолација, на вонредна состојба, колку и да трае треба да нѐ научи на вредноста на човечкиот живот. Да нѐ научи дека лакомоста манифестирана со празнење на рафтовите во маркетите, е само уште една грда слика за самите нас. За нашата себичност и алчост. Изолацијата всушност е потребното време што самите на себе ќе си го дадеме, но и она кое го заслужуваат нашите најблиски. Смртта е тежок патоказ, но и голем учител. Сликите што секојдневно ги гледаме од Италија не смеат само да минат низ нас, треба сериозно да ни се врежат во главите. Секако дека сите посакуваме да не се случи истото сценарио и во нашата земја. Но, мораме да бидеме спремни. Не само медицинскиот кадар кој е во првата линија на одбраната, туку и ние треба да покажеме дека сме спремни да се носиме со една ваква ситуација. Можеби за прв пат. Но, секогаш има прв пат.
Од нашето размислување и однесување ќе зависи исходот од оваа битка која ни претстои. Конечно, треба да покажеме дека знаеме да бидеме одговорни и пред себе и пред сите други. Не обвинувајте ги младите затоа што не се однесуваат неодговорно. Такви се затоа што постарите не им го даваат соодветниот пример. Вие родители, тетки, сестри… покажете им што значи хуманост, што значи битка за живот, затоа што оваа е токму таква. Изолацијата не значи осаменост, значи грижа за себе и за другите.