НЕ СУМ РАСИСТ И КОЛОНИЈАЛИСТ, ЕУ МОРА ДА БИДЕ ОДБРАНЕТА Борел пред студентите рече дека Европа е градина, а остатокот од светот џунгла
По Втората светска војна, Европската унија го изгради тој поредок во кој Европејците имаат привилегија, предност да живеат, рече високиот претставник на ЕУ.
Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел денеска ги отфрли тврдењата во некои медиуми и социјални мрежи дека изнел „расистички, колонијалистички и ставови за надмоќ на белците” кога им кажа на студентите по дипломатија на Колеџот во Бриж дека „Европската Унијата е градина”, додека добар дел од остатокот од светот е „џунгла”, од која Европа мора да се брани.
Борел ова го изјави по состанокот на шефовите на дипломатите на ЕУ, објаснувајќи дека неговата порака била дека „Европа и во иднина мора да се ангажира што е можно посилно за да му ја докаже на надворешниот свет предноста на својот поредок на политичка слобода, економски просперитет и социјална компактност, солидарност”, пренесе Бета.
– По Втората светска војна, Европската унија го изгради тој поредок во кој Европејците имаат привилегија, предност да живеат – рече високиот претставник на ЕУ.
А тоа не е случај во многу делови од светот, додаде тој, велејќи дека постои модел на социјална организација сличен на Европа и како пример ги наведе Канада и Австралија.
Борел соопшти дека шефовите на дипломатиите на ЕУ одлучиле да воспостават механизам за обука на 15.000 украински војници во центрите во Унијата и го пренесе ставот дека „главна задача на ЕУ е да ѝ помогне на Украина да се одбрани”.
Високиот европски претставник рече дека „Русија морално и политички ја губи војната” во Украина.
Тој претходно на состанокот на министрите за одбрана на НАТО исто така рече дека „Путин ја губи војната и воено” и дека „руската армија ќе биде уништена ако посегне по нуклеарно оружје”, што предизвика критики и во дипломатските кругови на НАТО бидејќи ставот е дека целите и стратегијата на Западот во таа војна не се откриваат.
Борел изјави дека „со голема непријатност” ги дочекал тврдењата дека е „расист, колонијалист, па дури и неоконзервативен поддржувач на белата надмоќ”.
– Мојата порака до студентите по дипломатија на Колеџот во Бриж беше дека ЕУ мора да се ангажира со земји каде што нема политичка, економска и социјална благосостојба бидејќи не можете да изградите ѕидови доволно високи околу Европа за таа да стане некој остров, изолиран од светот – додаде тој.
– Тоа беше порака против Европската тврдина – рече Борел и додаде дека побарал идните дипломати да бидат ангажирани во светот „за да ги претстават предностите на нашиот поредок заснован на слободи, а кој сега е соочен со конкуренција со други политички модели во светот, како и опасности и закани”.
Тој додаде дека „војната во Украина докажува дека ЕУ се соочува со опасности и со закани”.