„НЕ СУМ ПРЕДАВНИК, ОСТАНУВАМ ВО ВРЕДИ“ Гаши ги отфрли шпекулациите за самостоен настап на локалните избори

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, нагласи дека коалицијата Вреди веќе започнала интензивни подготовки за претстојните локални избори и изрази убеденост дека ќе успеат да го освојат мнозинството од општините со мнозинско албанско население.

1,552

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, категорично ги демантираше гласините дека би можел да ја напушти коалицијата Вреди, оценувајќи ги како „злонамерни фабрикации“ кои имаат цел да внесат раздор пред локалните избори.

– Ниту сум ја предал оваа кауза, ниту некогаш би го сторил тоа. Тоа е надвор од мојот политички и морален кодекс – изјави Гаши, додавајќи дека во Алтернатива има силна поддршка за продолжување на заедничкиот пат со партнерите од Вреди.






Гаши нагласи дека коалицијата веќе започнала интензивни подготовки за претстојните локални избори и изрази убеденост дека ќе успеат да го освојат мнозинството од општините со мнозинско албанско население.

– Верувам дека граѓаните препознаваат кој досега навистина се борел за нивните интереси и кој покажал храброст и визија. Затоа очекувам победа во повеќето општини – рече Гаши.

Во последниот период се појавија информации во медиумите дека дел од членовите на коалицијата Вреди, меѓу кои и Гаши, наводно размислуваат за самостоен настап. Денешната негова изјава, сепак, ја затвори таа тема и испрати јасна порака за единство во блокот пред изборната трка.

Гаши на крајот апелираше да престанат, како што рече, „неконструктивните шпекулации кои служат само за да ја ослабат албанската политичка сцена“, и побара фокусот да се врати на вистинските проблеми на граѓаните.

Поврзани содржини