НЕ СТОЈАНОВСКА, ТУКУ ТРЕНДАФИЛОВ ДА ОДГОВАРА ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНО ВОЗИЛО ЗА ПРИВАТНИ ЦЕЛИ Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат оставка од претседателот на ССМ
Додека лицемерно ги повикуваше пратениците да одат пешки, „синдикалецот“ Трендафилов истиот ден се појави на протест со службено возило, а јавноста веќе виде како тоа исто возило се користи за семејни потреби како да е негова приватна сопственост, додаваат пратеницте на ВМРО-ДПМНЕ.
Наместо да се сокрие од срамот пред македонскиот работник, претседателот на Сојузот на синдикатите Слободан Трендафилов одбра со невидена дрскост, паника и нервоза да ја напаѓа пратеничката Дафина Стојаноска, глумејќи жртва за да го прикрие сопствениот скандал, соопшти пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова не е напад врз семејство, ова е очајнички крик на еден „синдикалец“ кој мисли дека со солзи и со етикетирања ќе го избрише фактот дека ги троши парите на работниците за личен луксуз. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантира и ги отфрла неговите очајни обиди за дефокусирање од вистината.
Правосудните органи веќе имаат чист случај пред себе во кој Трендафилов веќе требаше да дава исказ пред надлежните органи и да сноси одговорност за злоупотреба на службено возило за приватни цели“, се вели во реакцијата на пратеничката група.
Додека лицемерно ги повикуваше пратениците да одат пешки, тој истиот ден се појави на протест со службено возило, а јавноста веќе виде како тоа исто возило се користи за семејни потреби како да е негова приватна сопственост, додаваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Јавно го повикуваме Јавното обвинителство веднаш да отвори постапка и да истражи како се користело службеното возило во ССМ од денот на неговото назначување до денес. Дали во правилникот на ССМ пишува дека претседателот смее да го користи имотот на работниците како своја приватна сопственост за приватни потреби со гориво наполнето токму од парите на работниците? Трендафилов залудно бара виновници кај пратениците. Спорната снимка е преземена од социјалните мрежи и е веќе јавно достапна. Најверојатно е снимена од револтиран работник или од член на ССМ, на кој му е преку глава од вакви „заштитници“ на работничките права“, се вели во соопштението.
Трендафилов е фатен жив во сопствената лага, се додава, и сега му е виновно ВМРО-ДПМНЕ за неговата неспособност.
„Јасно е дека неговата главна мисија не е платата на работникот, туку зачувување на сопствената фотелја и привилегиите кои очигледно не сака да ги пушти. Народот многу брзо ќе се увери во вистинското лице на овој човек чија уста е полна со патните трошоци на пратениците, додека рацете му се длабоко во џебот на работникот. Ова видео не е напад, туку огледало во кое Трендафилов не може да се погледне, бидејќи во него гледа функционер кој треба веднаш да си замине и да сноси кривична одговорност. Слободан Трендафилов ќе остане запаметен како „синдикалец“ кој нема склучено ниту еден договор корисен за македонскиот работник во текот на целиот негов мандат“, реагираат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
На крајот, додаваат, нападот врз нашата колешка Дафина Стојаноска е само доказ за немоќта на еден функционер кој го изгубил компасот.
„Кога немате аргументи, се служите со навреди и етикетирања. Упатуваме силна порака дека времето на манипулации заврши. Трендафилов треба веднаш да си поднесе оставка и наместо да глуми жртва по медиуми, да подготви одбрана пред истражните органи за своето расипништво“, соопшти пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Трендафилов денеска побара од претседателот на Собранието, Африм Гаши, да поведе постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на пратеничката Стојаноска, а МВР и Обвинителството да поведат постапка против неа.
Пратеничката вчера на нејзиниот фејсбук-профил објави видео во чиј опис рече дека Трендафилов со службено возило на ССМ обавува приватни обврски. Притоа во видеото се прикажува како Трендафилов со неговите две деца влегува во автомобил.
Трендафилов денеска рече дека Стојаноска „му ги објавила малолетните деца за да можат сите да ги оцрнуваат и на таков начин да го уценуваат“, а до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски упати прашање „дали службите го следат претседателот на ССМ и му ги снимаат децата“. Побара дури и апсење и рече дека „нормална влада во нормална држава за ваква работа паѓа, а пратеничката веќе ќе беше во затвор“.
Претседателот на ССМ најави дека за овој случај ќе ги извести сите амбасади, Делегацијата на ЕУ, братските синдикати на Меѓународната и Европската конфедерација на синдикати и Меѓународна организација на трудот (МОТ).
На денешната прес-конференција тој ја најави утрешната блокада на Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис конфедерацијата, што ќе почне во 12 часот.